
Во експлозијата во Белград загинал Македонец кој правел бомба за да ликвидира дилер на дрога, пишуваат српските медиуми
Во експлозијата што се случи завчера во изнајмен стан на улицата „Косовска“ во центарот на Белград најверојатно загинал државјанин на Македонија кој подготвувал бомба со голема разорна моќ наменета за ликвидација, пишуваат српските медиуми.
Препорачано
И натаму се чека официјална потврда на идентитетот на загинатиот човек, но сите полициски служби, Безбедносно-информативната агенција и Вишото јавно обвинителство во Белград се ангажирани во решавањето на тој случај. Засега, според извори во истрагата, се знае дека загинатиот нестручно изработувал експлозивна направа, која најверојатно се детонирала од невнимание.
Според извор на „Курир“ во полицијата, бомбата од која настрадал наводниот Македонец била наменета за ликвидација на белградски дилер на дрога.
„Оперативните информации укажуваат дека бомбата била намнета за дилер на дрога од Белград. Целата мрежа на криминални пресметки што е подготвена во главниот град е поврзана со структури за поддршка блиски до криминални групи“, вели изворот на српскиот портал.
Силната експлозија во средата ги потресе жителите на белградската улица, на која насекаде беа расфрлани парчиња стакло. Станот е целосно уништен, а урнат е и преградниот ѕид со соседниот стан.