
Во чест на Анте Поповски врачени се наградите „Антево слово“
Во спомен-собата на Анте Поповски во Центарот за култура во Општина Ѓорче Петров на 10 јули се одржа седмото издание и официјалното доделување на наградите „Антево слово“, кои се дел од меѓународната поетска манифестација „Анџело Ла Векија“ („Il Parnaso – Concorso di Poesia – Premio Angelo La Vecchia“) за најдобра поетска творба во чест на великанот на македонската поезија Анте Поповски.
Препорачано
Во соработка со Здружението за развој на култура и заштита на културното наследство „Контекст – Струмица“, наградата „Антево слово“ е конституирана како дел од оваа меѓународна манифестација, која се одржува секоја година во градот Каникати во Сицилија, Италија, а воедно и прва од ваков вид која се доделува за македонски автор надвор од нашата држава.
Комисијата беше во состав: Митко Гогов (претседател), Виолета Танчева-Златева, Драгана Евтимова, Жорж Поповски (членови) и Геро Ла Векија (надворешен соработник). По објавениот повик за испраќање песна по слободен избор за учество на седмиот меѓународен конкурс и доделување на наградата „Антево слово“, со свои дела се пријавија повеќе од 100 поети од Македонија, Англија, Албанија, Бугарија, Тунис и Кипар.
Годинава првата награда ја доби Македонка Божиновска, втората награда им припадна на Милена Сиљаноска и Александра Спасеска, третата награда ја делат Рекио Фебија од Италија и Антева Темјана, односно Силвана Димитриевска, а наградата за млад автор на годишниот поетски конкурс е за Васја Мицковски.
На свеченото доделување на наградите присуствуваше Геро Ла Векија, син на Анџело Ла Векија, како и градоначалникот на Општина Ѓорче Петров Александар Стојкоски, кој истакна дека ја има честа да се обрати на настан посветен на македонскиот поет и есеист Анте Поповски низ чија поезија, како што рече, провејува судбината на македонскиот народ низ вековите, но и неговата сегашност и иднина.
– Горд сум што Општина Ѓорче Петров е домаќин на ваков настан од меѓународен карактер преку кој покажуваме дека се грижиме за одржување на културата на завидно ниво, но и за афирмацијата на македонската поезија. Како локална единица, непрекинато работиме на развој на културните вредности, особено на македонската култура, традиција и етнос – истакна Стојкоски.
На настанот беа доделени наградите за добитниците од изминатите пет години. Лауреати кои се носители на наградата „Антево слово“ се: Томислав Османли, Катица Ќулавкова, Драгана Евтимова, Иван Антоновски, Ива Дамјановски и Виолета Танчева-Златева. Освен наградите за авторите, беа доделени благодарници и на релевантни луѓе кои го помогнале „Антево слово“ низ годините.
– Во апстрактниот простор-време што се приближува неверојатно до сите луѓе без најмала разлика не само на пол, вера, националност, возраст, но, исто така и во своето постоење и непостоење, поезијата успева да биде „медиум“ во „континуитет“ помеѓу земјата и небото, помеѓу телото и душата, меѓу прагматизмот и утопијата. Целта на овој конкурс е да се шири културата на чувства, емоции, страсти, знаење во текот на целиот живот и реализирање на „експресивната слобода“, која е од суштинско значење и привилегија за секој современ општествено ангажиран човек – изјави Митко Гогов од Здружението за развој на култура и заштита на културното наследство „Контекст – Струмица“, кој во соработка со фамилијата на Анте Поповски и меѓународната поетска манифестација „Анџело Ла Векија“ ја востанови оваа награда.
Сите учесници имаа можност да влезат во конкуренција за двете награди, носечката награда „Анџело Ла Векија“, награда која е именувана по проф. Анџело Ла Векија, познат во Сицилија и на територијата на Италија со неговата работа како поет, драмски писател, историчар и професор, и наградата „Антево слово“, која се доделува во чест на Анте Поповски, познатиот македонски поет, есеист, препејувач и публицист.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 239, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 13-14.7.2024)