
Во Центарот за современи уметности ќе се одржи промоција на графичката книга „Влажна симболична меѓуигра“
Центарот за современи уметности на 11 септември, во 20 часот, организира отворање на изложба и промоција на графичката книга „Влажна симболична меѓуигра“ на Марија Трајаноска и Ѓорѓи Митревски во Мобилната / Монтажна галерија во Паркот на Франкофонијата во Скопје.
Препорачано
Делото „Влажна симболична меѓуигра“ е графичка книга која нуди невообичаен поглед на интимната комуникација помеѓу два карактери. Овие карактери во различни ситуации, кои се исполнети со несвесни емоции и жестоки контрасти, се вплетуваат во бескраен дијалог, создавајќи неизмерни интерпретации на човечките интимни состојби. Секоја сцена е цртана интуитивно, без било каква предумисла, одразувајќи ги основите на надреалистичкиот принцип наречен „прекрасен труп“. Книгата е печатена во сито-печат.
На настанот посетителите ќе имаат можност да учествуваат во креирањето нова ликовна „книга на посетители“ базирана врз истиот творечки принцип. За учеството во овој креативен процес не се неопходни никакви ликовни предзнаења. Сито-печатот е на „Партизанска штампа“.
Проектот е финансиски поддржан од Министерство за култура и туризам на РСМ и Општина Центар.
Ѓорѓи Митревски е роден во 1973 година во Битола. Магистер е по стратегиско комуницирање – Институт за комуникациски студии, Скопје, Македонија. Има и курс по фотографија во Македонскиот центар за фотографија, Скопје, Македонија. Досега има креирано повеќе изложби, видеоинсталации и анимации.
Марија Трајаноска е родена во 1996 во Кичево. Дипломира во 2019 г. на Факултетот за ликовни уметности – Скопје, во класата на проф. м-р Антони Мазневски, со насока сликарство – отсек конзервација и реставрација. Добитник е на студентската награда за инвентивни достигнувања во областа на сликарството „Борко Лазески“.