
Во Бугарија во заштитена зона има рудник за злато, го учиме рецептот
Експертска делегација го посети Крумовград каде што се наоѓа рудникот „Ада Тапе“. Според тврдењата на градоначалничката на Крумовград Себихан Мехмед, овој рудник направил да заживе целата област, донел вработувања, помогнал за развивање на многу мали бизниси, како и бројни инфраструктурни проекти. Проблеми со загадување на животната средина немале.
Во југоисточниот дел на Бугарија, во близина на турскатаи грчката граница се наоѓа Крумовград, место во кое при крај со експлоатација е рудникот за злато „Ада тапе“, сопственост на канадската компанија „Данди Прешис Металс“. Она што го прави посебен овој рудник е што тој се наоѓа во Заштитеното подрачје Натура 2000. Рудник и заштитено подрачје обично не одат рака под рака, но во Бугарија тврдат дека и тоа е можно ако се применат најсовремените сознанија.
Препорачано
Во посета на рудникот, за да се запознаат со технологијата и со начинот на функционирањето, беа претставници од нашето Министерство за енергетика и рударство, од Здружението за рударски и геолошки инженери, како и група на новинари.
Според тврдењата на градоначалничката на Крумовград Себихан Мехмед, овој рудник направил да заживее целата област, донел вработувања, помогнал за развивање на многу мали бизниси, како и бројни инфраструктурни проекти.
– Во почетокот се соочивме со протести на зелените активисти. Но ние го расчистивме прашањето: Дали воопшто не сакаме рудник, или сакаме но со најнапредна технологија. Постоеше и големо стравување за реката од којашто зависи водоснабдувањето на населението. Потоа фирмата направи отстапки. Место употреба на цијанид, што и значеше 95 отсто искористување на руда, употребува флотација со искористување на рудата од 75 проценти. Исто така, се применува решение со минимален отпад. Има посебен начин на одлагање на јаловината со паралелен процес на рекултивација. Во реално време се пренесуваат информации на нашата веб-страница од 4 мерни места – објасни Мехмед.

Таа вели дека на сопствениците на рудникот јасно им порачале дека штом ќе копаат злато, ќе мораат да направат нешто и за општината.
Постои фонд во кој тие вложуваат пари за развој на мали бизниси кои не се поврзани со рудникот. Рудникот ќе се затвори во 2026 година. Од тој фонд во висина од 55 отсто од инвестицијата се дава грант за проектот, 35 отсто е поволен кредит, а учеството е 10 проценти, со тоа што тоа не мора да бидат пари, може да биде на пример земјиште. Од Фондот има 70 одобренија за проекти. Како посебно важен се смета фабрика за конзервирање, со оглед на големите количини на пиперки што ги има во овој регион. За самата општина пак, важни се вложувања од канадската „Данди“ во нашето здравство, образование и инфраструктура – објасни градоначалничката.
Новинарската екипа посети повеќе мали бизниси кои се создале или надградиле благодарение на парите од фондот од рудникот. Сопствениците изразија благодарност, а некои од нив дури се и повратници од странство.
За нашето Министерство за енергетика пак, главно е да ги соберат овдешните искуства со оглед на новата стратегија за рударство со рок од 20 години, како и два нови закони – за рударство и за геологија.
-Целта е да се видат и разменат најдобрите практики во одржливо рударство и управување со природните ресурси. Овој рудник е признат во Европа како еден од најеколошките рударски комплекси во регионот и користи најсофистицирана опрема и технологии за управување со вода и отпад, минимизирајќи го еколошкото влијание, дури и во заштитени NATURA 2000 зони. Ние сакаме да научиме од искуства кои веќе се докажани – како компанијата одговорно соработува со локалната заедница, инвестира во развој на бизниси и инфраструктура, и создава придобивки за луѓето и економијата и како соработката на база на силни закони услови и правила може да биде основ за одржлив сектор. Македонија е решена во идните стратегии и политики да ги предвиди сите европски правила со цел да се обезбеди дека секој развој во секторот ќе биде одржлив, еколошки одговорен и во интерес на локалните заедници и граѓаните – изјави државниот секретар за рударство Филип Петровски.
Кај нас веќе подолго време се водат остри полемики околу рудниците. Особено болна точка е примената на цијанидот кој според новата регулатива нема да смее да се употребува, а рудниците кои веќе го употребуваат ќе имаат период на прилагодување од 10 години.
По затворање на рудникот просторот ќе биде туристичка атракција
На локацијата на рудник за злато во Крумовград треба да се изгради туристичка зона. До 2032 година, компанијата „Данди прешис металс“ целосно во употреба треба да го предаде проектот на градот. Земјиштето и купено, но договорот е да го подари на општината.
Според најавите на градоначалничката Себихан Мехмед, ќе има бројни содржини: простор за кампување, адреналински ѕид, едукативен простор, еко-патеки, фудбалски и тениски терен.