Сцена од монодрамата „Куфер.мк“

Во Битолскиот театар премиерно беше изведена монодрамата „Куфер.мк“ со актерката Соња Михајлова

Во рамки на програмата на Битолскиот театар за одбележување на јубилејот 80 години од основањето, на 16 октомври премиерно беше изведена претставата „Куфер.мк“ по идеја и концепт на актерката Соња Михајлова и Благој Мицевски, кој беше задолжен и за режијата.

Актерката Соња Михајлова истакна дека овој момент ѝ е емотивен поради враќањето во Битолскиот театар после пензионирањето пред две години.

– Се радувам на повторната средба со публиката на сцената на Битолскиот театар. Сакам да се заблагодарам за отворената врата во овој момент од страна на директорот Васко Мавровски и на театарот. Ме радува и тоа што поставувањето на мојата монодрама во овој театар е во моменти кога театарот слави 80 години од своето постоење, од кои 40 години јас сум во овој театар и монодрамата ја подарувам на Народен театар Битола и на публиката, како мој роденденски подарок за овој голем јубилеј – истакна Михајлова на прес-конференција пред премиерата на претставата.

Михајлова низ претставата нѐ води низ една лична интимна исповед за дилемите, моралните вредности, погледот на светот, убавите моменти, но и траумите низ кои поминува и со кои се справува една актерка, жена.

– Во текот на тие 40 години и како човек и како актер сум доживеала многу турбулентни моменти, немирни времиња кои сите ние во оваа земја ги доживуваме и преживуваме. Претставата е мојата лична и емотивна приказна низ времињата што сум ги поминала во тие 40 години, кои го формирале мојот идентитет. Културата, театарот, уметноста се дел од културниот идентитет на Македонија, многупати се напаѓани на различни начини, а тие рани оставаат траги кај секој човек. Мојата претстава се однесува на она што останало како некој емотивен, внатрешен белег од она што поминало во минатото – посочи Михајлова.

Режисерот Благој Мицевски истакна дека Битола има публика за монодрами.

– Тоа е многу специфичен жанр за работа, посебно за актерот кој треба долго време да го држи вниманието на публиката. Во однос на монодрамата кај нас и во светот, постои една голема разлика. Кај нас актерите прават монодрами во поодминати години кога имаат некој багаж и сакаат нешто да пренесат, а надвор ситуацијата е поинаква, прават монодрами за да се покажат себеси на тој огромен пазар, за некој да ги забележи. Едно е сигурно, овој град има публика за монодрами. За време на ковид-пандемијата често разговаравме со Соња за театарот, уметникот во театарот. Јас 30 години сум дел од овој театар, па имавме потреба да сумираме некои наши мисли, за она низ што поминавме, за една држава во која живеевме. Претставата го опфаќа тој период, државата во која сега живееме, големите проблеми на кои наидуваме за да се потврди нешто кое постои самостојно како јазик, култура, театар… – рече Мицевски.

Музиката во претставата е на Миодраг Неќак, а за видеото се погрижи Марјан Георгиевски.

Благој Мицевски, Соња Михајлова и Васко Мавровски на прес-конференција во Битолскиот театар

Директорот Васко Мавровски истакна дека Битолскиот театар кон прославата на јубилејот тргна со нов концепт и нова идеја насловена „Театарот повторно твој“, односно дека театарот е повторно на публиката. Сите активности и настани ќе бидат заокружени на 14 ноември.

– Тековно работиме на монографијата, која веќе е при крај и ќе имаме промоција пред 14 ноември, поставуваме трајна поставка каде ќе бидат сите награди и признанија на театарот за да може публиката да види за каков театар станува збор. Според некој нов регистар имаме околу 167 плакети, награди и признанија. Работиме на еден голем проект за дигитализација на репертоарот. До крајот на годината ќе имаме уште четири премиери, како и гостувања на три театри како подарок по повод роденденот на нашиот театар – открива Мавровски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот