
Во Битолската болница почина 24-годишно момче примено со многу висока температура
На Клиничката болница во Битола вчера попладне почина 24-годишниот С.Т. кој бил примен со многу висока температура и трески. Тој бил веднаш згрижен на одделот за Интензивна нега, но иако лекарите конзилијарно го третирале, од час во час состојбата се влошувала, па, по речиси десет часа од хоспитализацијата починал.
Препорачано
Директорката на Клиничката болница, д-р Елизабета Ивановска за Слободен печат изјави дека момчето во вторникот, на 26 септември, било лекарски третирано и му била дадена терапија, по што било пуштено дома. Но, ноќта меѓу вторникот и средата тоа повторно добило висока температура, по што дошло до влошување на состојбата. Во таква ситуација момчето се вратило во болница.
– За жал наодите од направените лабораториски анализи беа доста лоши. Момчето беше примено во болницата вчера во утринските часови. Претходно тоа било високо фебрилно дома седум дена, каде не било лекувано, бидејќи не се јавувало на лекар. Претходниот ден дошло на Инфективно, земени му беа брисови, лабораториски испитувања и било пуштено дома со терапија. Но, ноќта повторно било високо фебрилно и вчера утрото беше примено на Интерното одделение контактибилно, но, имаше многу лоши наоди од лабораторија. Го зедоа во службата за анестезија, бидејќи имаше целосен дисбаланс во организмот. Таму беше до 18 часот, но состојбата се влошуваше од час во час. Комплетно беше третирано со направени анализи на компјутер, глава, абдомен, торакс, повикани беа конзилијарно лекари од други одделенија на болницата. Го прегледаа доктори од Неврологија, Инфектологија, ОРЛ, Хирургија, Очно и други одделенија. Но, за жал момчето почина-вели директорката на Клиничката болница во Битола, д-р Елизабета Ивановска, која ни изјави дека и тие како лекари не знаат кои биле причините за смртта и затоа врз починатото момче била направена обдукција, која треба да даде одговор од што точно починало младото момче.
За смртта на 24 годишното момче од Клиничката болница било пријавено во Битолската полиција од каде информираат дека на 27.09.2023 во СВР Битола било пријавено дека во Клиничката болница Битола починал С.Т.(24) од с.Цапари, Битолско, кој во утринските часови поради здравствени проблеми бил донесен од страна на родителите. По наредба на Јавен обвинител телото е предадено на обдукција.
Од Клиничката болница во Битола за Слободен печат изјавија дека наскоро ќе бидат познати резултатите од обдукцијата кои ќе и бидат презентирани на јавноста.