
Внимавајте: Владата не дава 100 евра по жител, се работи за лажен линк што краде податоци од платежните картички
Владата апелира до граѓаните да не наседнуваат на СМС-порака која преку лажен линк носи до идентична веб-страница како онаа на Влада, преку која креаторите се обидуваат да дојдат до податоци од платежни картички.
Препорачано
Содржината во пораката во која се наведува дека „Имате право на додаток од 6.150 денари“ не е испратена од Владата, туку се работи за фишинг измама.
Од Владата велат дека е пријавено, а службите веќе работат на решавање на случајот.
-Ја информираме јавноста дека Владата на Република Северна Македонија НЕМА испратено СМС и други пораки во кои нуди надомест. Во конкретниот случај кој се појави во изминатите часови (прикажан на сликите подолу), станува збор за смишинг и фишинг измама која е пријавена и по која соодветните служби веќе постапуваат – се вели во соопштението.

Во соопштението се советуваат граѓаните кои ќе добијат ваква порака или веќе ја добиле, истата треба да ја сметаат за лажна и да не кликаат ниту на дадените линкови, ниту да одговараат на пораките кои ги добиле.
-Апелираме до граѓаните да не наседнуваат на лажни пораки од странски телефонски броеви и мејлови и да не ги даваат личните податоци. Граѓаните треба да бидат внимателни и одговорни околу своите лични податоци, односно да не ги споделуваат и разменуваат со непознати лица, како и со лица на кои не може однапред да им се утврди идентитетот, додаваат од Влада.