
ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ без кандидати за градоначалници за Тетово, Гостивар и Струга?
Ако падне договор меѓу владините партнери, првпат на претстојните локални избори ќе се случи ВМРО-ДПМНЕ да нема кандидати за градоначалници во неколку големи општини со мнозинство Албанци. Веќе е извесно дека владејачката партија нема да номинира кандидат и во Куманово, каде што ќе го поддржи актуелниот градоначалник Максим Димитриевски.
Владините партнери ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ се на чекор до официјализирање на договорот за заемна поддршка на локалните избори уште во првиот изборен круг, а таков договор се очекува партијата на премиерот Христијан Мицкоски да постигне и со Вреди. Договорот што се очекува да се финализира, ќе се однесува на дел од општините каде што само еден од партнерите ќе истрча со кандидат за градоначалник, а кој ќе биде поддржан од другиот партнер во централната власт. Соработката ќе се однесува само за градоначалничките кандидатури, додека трите владини партнери ќе одат со одделни советнички листи.
Препорачано
Ако падне договор, првпат на претстојните локални избори ќе се случи ВМРО-ДПМНЕ да не истрча со кандидати за градоначалници во неколку големи општини со мнозинство Албанци, како Тетово, Гостивар и Струга, додека Вреди ќе се откаже од градоначалничка номинација за Скопје, Бутел, Гази Баба, Јегуновце. Доколку падне договор меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Вреди, тогаш првпат ќе се случи најголемите македонски партии да немаат кандидат за градоначалник на Тетово, Струга и Гостивар, зашто ни СДСМ, освен во тие три општини, нема да номинира свои кандидати ни во Сарај, Чаир, Дебар и Желино.

Во предлозите што се ставени на маса не е и Кичево, каде што и ВМРО-ДПМНЕ и Вреди ќе имаат свои кандидати за градоначалници, па нивна соработка се очекува во вториот изборен круг. Кичево претходно беше карактеристично по тоа што се водеше етничка битка за градоначалник. Македонскиот блок меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се обедини и излезе со единствен кандидат и во Кичево и во Струга, како и со заеднички советнички листи.

Официјално, трите владини партнери велат дека допрва ќе почнат преговорите за можна соработка за изборите уште во првиот изборен круг.
Мицкоски потврди дека утре ќе оствари првична средба со ЗНАМ за можноста во дел од општините да одат со заеднички кандидати за градоначалници.
– Утре ќе имаме првична средба со ЗНАМ, да слушнеме, да видиме кои се очекувањата. Ние ќе ги пратиме нашите пораки – рече премиерот. Веќе в недела, Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ ќе расправа за деталите од разговорот.
Мицкоски информираше и дека консултациите со актуелните коалициски партнери продолжуваат и дека ќе следат разговори и со други партии кои се заинтересирани да се приклучат на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори. Тој одби да потврди дали станува збор за Партијата на пензионерите, која излезе од коалицијата со СДСМ и јавно потврди дека сака да биде дел од власта, како и ДОМ, која го напушти СДСМ за „да гради сојузи со граѓанскиот сектор“.
– Јавноста ќе биде информирана кога ќе има повеќе конкретни информации околу коалициите. Да бидеме внимателни и трпеливи – рече Мицкоски.

Веќе е извесно дека ВМРО-ДПМНЕ нема да номинира кандидат во Куманово, каде што ќе го поддржи актуелниот градоначалник и владин партнер Максим Димитриевски. ЗНАМ типува да има кандидати за градоначалници, поддржани од ВМРО-ДПМНЕ, во општините со актуелни градоначалници од СДСМ, но и таму каде што на последните парламентарни и претседателски избори оствариле добар резултат. Сепак, таргет им се општините Центар, Старо Нагоричане, Крушево, Валандово или Дојран. Извесно е дека засега ЗНАМ ќе излезе со советнички листи во 53 од 80 општини, плус Скопје.
Лидерот на опозицискиот СДСМ синоќа објави 10 номинации за градоначалници, но меѓу нив не беше и актуелниот градоначалник на Струмица Костадин Костадинов, кој бурно изреагира и информира дека го замрзнува членството во партијата. Претходно, СДСМ објави 19 кандидати за градоначалници.

„Мојата партиска припадност од денес е замрзната во СДСМ. Не со ова раководство, не додека СДСМ не се врати таму каде што ѝ е местото. Во следните месеци ќе почнам со креирање ново интерпартиско делување, кое ќе биде презентирано по завршувањето на локалните избори“ напиша Костадинов на Фејсбук и додаде дека посакува СДСМ да победи во барем една општина во Македонија. Ова во јавноста се протолкува како нов раскол во опозициската партија.
Мицкоски, пак, на СДСМ му посака успешна и достоинствена кампања, но и сигурен пораз на следните локални избори.
Од Европскиот фронт официјално не потврдуваат дали е постигнат договор која од партиите каде ќе номинира градоначалници. Според партиски брифинзи, ДУИ ќе истрча со кандидати во Тетово, Чаир, Кичево, Боговиње, Брвеница, Желино, Студеничани, Липково, Долнени и Чашка. Алијанса за Албанците, предводена од Зијадин Села, ќе номинира градоначалници во Струга, Дебар и во Арачиново, додека АА на Арбен Таравари – во Гостивар, Сарај и во Врапчиште.