
Власта во рикверц за новиот состав на Советот за граѓански надзор по обвинувањата дека сака да го контролира прислушувањето
Од владејачката партија брифираат дека по координацијата на пратеничката група, но и поради бурните реакции во јавноста, одлучиле да не брзаат со изборот на новиот состав на Советот за граѓански надзор на комуникациите. Одлука како понатаму засега нема, освен да не се бранува со изборот на Советот.
Изборот на новиот состав на Советот за граѓански надзор, тело што ќе контролира дали институциите што смеат и можат да ги следат комуникациите тоа го прават легално, е ставен на стенд бај, дознава „Слободен печат“ по реакциите во јавноста дека власта целосно го партизира тоа тело и стравувањата на опозицијата дека може да ни се повтори масовно прислушување.
Препорачано
Што ќе се случува со новиот предлог-состав на Советот, засега ВМРО-ДПМНЕ не пресекла. Од партијата брифираат дека сè е во игра, односно или предложениот состав да остане, да има делумни корекции или ќе се оди на целосно нов состав на Советот.
Индиректна потврда дека власта оди чекор назад за избор на ова тело е и тоа дека предлог составот на Советот помина на Комисијата за избори и именувања, но претседателот на Собранието Африм Гаши таа точка не ја стави на новата пленарна седница.
Од ВМРО-ДПМНЕ брифираат дека по координацијата на пратеничката група, а поради бурните реакции во јавноста, одлучиле да не брзаат со изборот на новиот состав на Советот за граѓански надзор на комуникациите. Одлука како понатаму засега нема, освен да не се бранува со изборот на Советот. Според партиски извори, новиот Совет нема да дојде на гласање во Собранието до крајот на годинава, а дотогаш ќе пресечат дали ќе има делумна промена на членовите или ќе се поништи веќе предложениот состав и Собранието повторно ќе распише оглас за избор на нови членови. Според информациите што ги имаме, за ова пратениците вчера реферирале и пред лидерот и премиер Христијан Мицкоски на седницата на Извршниот комитет.
Реакциите уследија откако собраниската Комисија донесе одлука претседател на Советот да биде Илче Димовски, поранешен секретар на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Битола, а за членови Благоја Стојановски, поранешен пратеник во неколку парламентарни состави од СДСМ, а на последните парламентарни избори кандидат за пратеник од владејачката ЗНАМ, Никола Затуровски – поранешен член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и регионален координатор за Струга и Мирче Стојков, поранешен претседател на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Кочани. За членови уште се предложени разрешениот судија Стојанче Рибарев, Нафис Ќазимоски и Катерина Крстевска.
Освен партиската припадност, предлог-кандидатите според биографиите немаат ниту соодветна стручност за да бидат во Советот, кој треба да е натпартиски и во кој членовите треба да бидат експерти или да доаѓаат од граѓанскиот сектор. Освен тоа, меѓу кандидатите има двајца наставници – по математика и по историја, хемичар, правник, машински инженер и разрешен судија. Само еден од членовите е професор по безбедност. Законот за следење на комуникации предвидува Советот да има претседател и шест членови (независни) од кои тројца експерти во областа и тројца од невладиниот сектор што покрива теми поврзани со човекови права и безбедност.
Членот на Комисијата од СДСМ, Љупчо Николовски, неодамна во изјава за Слободен печат“ обвини дека ВМРО-ДПМНЕ целосно става рака врз ова тело и рече дека за партизацијата ќе ги алармираат сите меѓународни претставништва и амбасади во земјава.
– Ова тело е особено значајно и самиот назив на телото е Совет за граѓански надзор. Законот што е донесен со двотретинско мнозинство е реформски и следуваше по масовното прислушување, но беше и една од одредниците за преговорите со ЕУ. Навистина заслужуваше да бидат избрани членови со исполнети услови како експерти или членови на невладини организации – ни изјави тогаш Николовски.
СДСМ тогаш побара власта да се повлече и итно да се врати процедурата во рамките на законските норми и стандарди. Од опозициската партија најавија дека остро ќе се спротивстават и нема да дозволат партизацијата да помине. СДСМ најави и дека ако ВМРО-ДПМНЕ остане глува на предупредувањата, тие ќе преземат порадикални мерки.
Советот врши надзор по сопствена иницијатива и по претставка од граѓани, на пример, ако граѓанин се сомнева дека е прислушуван. Советот има право да влезе во ОТА и кај другите органи за да изврши граѓанска контрола и тоа да го направи по сопствена иницијатива или по претставка од граѓанин.
Претходниот состав на Советот никогаш не профункционира и членовите поднесоа оставка бидејќи не им беа обезбедени финансии за да функционираат.