
Власта слободно да му извади билет за враќање на Груевски ако поминат измените на Кривичниот законик, велат опозициски пратеници
Ако поминат измените на Кривичниот законик, власта слободно може да извади билет за враќање на Никола Груевски од Будимпешта во Скопје. Ова е сатвот на пратеници од обединетата албанска опозиција Демократско движење, Алтернатива и Беса, Мерита Коџаџику, Сафије Садики Шаини и Фадил Зендели.
Препорачано
-Јавноста има право да знае, а премиерот Ковачевски и министерот за правда Лога имаат обврска да го објаснат ова, дека доколку помине овој предлог за измена на Кривичниот законик, а тие имаат мнозинство да го усвојат, потоа можат слободно да му извадат билет на Никола Груевски во еден правец од Будимпешта до Скопје и да го пречекаат со сите државни почести – велат пратениците.
Според нив, со измените во Кривичниот законик ќе застарат сите предмети во кои му се суди на експремиерот Груевски, освен за предметите „Тенк“ и „Насилство во Општина Центар“ кои, како што велат, не предвидуваат казна затвор од повеќе од три години. Тие се убедени дека власта не само што ќе го спаси Груевски, туку и ќе му платат отштета и ќе го прогласат за херој.
Пратениците се сомневаат дека измените на Кривичниот законик се предлагаат бидејќи високи фукционери на ДУИ и СДСМ знаат дека по изборите ќе бидат во опозиција и сакаат да создадат рамка за да не се гонат кривично.
-Од што се плашат, тие најдобро знаат, а ние ќе дознаеме дури откако ќе бидеме на власт, кога ќе имаме пристап до сите валкани трикови на оваа антинародна власт – велат опозициските пратеници.
Коџаџику, Зендели и Садики Шаини го прозваа министерот за правда Лога, да се изјасни дали со тоа дека тој не е предлагач на законските измени туку неговата заменичка, сака да си ги измие рацете и да каже дека не е виновна за услугата што власта ќе му ја направи на поранешниот премиер Груевски. Ако Лога и Алијанса за Албанците не се согласува со измените, тогаш според пратениците, министерот треба да си поднесе оставка.
Зендели рече дека власта се плаши од предлогот на албанската опозиција во Кривичниот законик да се нотира член за незастарување на корупцијата кај државни функционери.
-Во тој случај ниту Мијалков немаше да се спаси, ниту Груевски утре нема да се спаси, ниту пак другите по нив што ја преминале црвената линија. Една власт која кокетира со Груевски, за какви било интереси, повеќе не ја заслужува довербата на граѓаните – рече Зендели.