
Власта на Вучиќ сака да ја затвори истрагата за трагедијата во Нови Сад?
Директорот на српската полиција, Драган Васиљевиќ, на 4 септември официјално го информирал Обвинителството за организиран криминал дека ја поништува согласноста за назначување 17 припадници на полицијата, кои требаше да бидат членови на Ударната група задолжена за истрагата на финансиските текови поврзани со падот на настрешницата во Нови Сад, пишува „Нова.рс“.
Препорачано
Како причина за потегот е наведено усвојувањето на нова систематизација.
Со оваа одлука, иднината на самата Ударна група, како и истрагата за трагедијата во која загинаа 16 луѓе, се сериозно загрозени. Во Обвинителството за организиран криминал постојат уште четири ударни групи, но нивната улога според новата систематизација не е доведена во прашање.
На истиот ден, Владата на Србија ја разрешила и Нада Новосел, помошник-директор во Управата за јавни приходи и главен инспектор на даночната полиција. Таа во својство на функционерка на УЈП претходно именуваше инспектори во составот на Ударната група за истражување на корупцијата поврзана со падот на надстрешницата во Нови Сад.
Ударната група предводена од Обвинителството за организиран криминал на 1 август спроведе акција во која беа обвинети повеќе лица, меѓу кои и двајца поранешни министри за градежништво, сообраќај и инфраструктура – Томислав Момировиќ и Горан Весиќ, за корупција во случајот со падот на надстрешницата и при изградбата на железничката линија од Нови Сад до Келебија.
Темелната истрага за падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад е едно од главните барања на српските студенти, кои од лани во ноември протестираат за одговорност за смртта на 16 недолжни луѓе.