
Власта ја бојкотираше надзорната расправа за аерозагадувањето во Собранието
Во Собранието денеска се одржа првата надзорна расправа за ефектите од аерозагадувањето врз здравјето на граѓаните и мерките што се преземаат за заштита на јавното здравје.
Препорачано
Иако официјално поканети, премиерот Христијан Мицкоски и министрите Изет Меџити, Сања Божиновска, како и претседателот на Собранието Африм Гаши не се одзваа на поканата. Пратеникот Димитар Апасиев изјави дека „и покрај сите правни перипети и обиди за саботажа“ одлучил расправата да се одржи денеска.
Граѓанскиот сектор нотира дека недостасуваат стратешки документи за справување со загадувањето на воздухот, иако институциите се должни да ги изработат. Отсуството на политичка и правна одговорност на централната и локалната власт, несоодветни капацитети на обвинителствата за справување со кривичното дело „екоцид“, како и слабото постапување на судовите во делот од еколошкиот криминал – се само дел од институционалните проблеми.
На надзорната расправа се обрати и поранешната директорка на Државниот инспекторат за животна средина, Ана Петровска. Во своето стручно и исцрпно обраќање, таа особено го нотира проблемот со увоз и горење на нафтени деривати, затоа што институциите немаат капацитет за соодветна контрола на овие енергенси. Петровска потенцира дека итно и неодложно е потребно донесување на: Закон за контрола на индустриските емисии кој е веќе во нацрт-форма и Протокол за контрола на горивата.
На првата надзорна расправа за ефектите од аерозагадувањето врз здравјето на граѓаните и мерките што се преземаат за заштита на јавното здравје присуствуваа само пратениците на опозицијата, односно Левица и СДСМ.