Фото: Приватна архива

Владимир Трајковски, визажист: Со Лила сме поминале и сито и решето, по 28 години другарство ќе ја нашминкам и со мижење

Познатиот визажист Владимир Трајковски со години ги разубавува дамите од јавниот живот, но и сите оние што сакаат убаво да изгледаат.

Низ сите овие години, Владимир соработувал со актерки, пејачи, водителки, од кај нас и од регионот. Неговото пријателство, пак, со Лила Филиповска, кое трае 28 години, е посебна приказна…

Соработуваш со познати личности години наназад, колкав е предизвикот да се работи со нив?

– Задоволство е да соработуваш со познати личности. Јас ја имав таа чест да соработувам со кралицата Рани Атика на Пакистан. Соработувам со многу наши познати личности, глумици, водителки, пејачки. Соработката со Дејан Миличевиќ што траеше со години ми овозможи да се запознаам со многу српски пејачки, Цеца, Карлеуша, Беквалац. Убаво е чувството, дружбите, патувањата. Но, сега сум повеќе во мојот салон со моите клиенти, а младите колеги сега нека ги преземат познатите личности.

Соработката со Лила Филиповска трае со години. Вие сте и пријатели? И кога сме кај Лила, по сите овие години, можеш ли да ја нашминкаш со мижење?

– Со Лила сме 28 години заедно, сито и решето сме поминале заедно. Буквално, од фестивали, емисии, дружби, одмори. Ние сме, пред сè, другари, а потоа соработници. Лила, не мижечки, туку врзани да ми се очите и рацете, пак ќе ја нашминкам. Но, Лила е убава жена и кај неа нема потреба многу да се интервенира.

Фото: Приватна архива

Колку често имаш навика кај жените да забележуваш кога не се нашминкани и дали секоја треба да има барем малку шминка на себе кога излегува од дома?

– Зависи од пригодата. За одење до пазар, па и не мора баш многу да биде нашминкана. Заштитен фактор на лице и евентуално сјај на уста. Не им забележувам на муштериите дали имаат шминка не себе или не, но сум за тоа дека треба да се има дискретна шминка. Ако е за поинтензивна, тогаш се оди на професионален шминкер.

Во пресрет на новогодишните празници, кои бои ќе доминираат и кои се актуелните трендови за шминка?

– Во пресрет на новогодишните празници, оваа година модерна е бојата бургунди, бојата на виното, и тука се некаде боите на сенките, боите на светките за очи што се модерни овој период. Но, секој клиент е различен и си бара тоа што ќе му стои, секако во консултација со мене. Иако мислам дека природните тонови, кафеава, беж, чоколадните… никогаш не излегуваат од мода и секогаш се тренди.

Фото: Приватна архива

Од каде љубовта кон шминкањето и кога откри дека имаш талент?

– Мојата љубов кон шминкањето почна малку подоцна. Јас сум, пред сè, фризер и со „фризерај“ почнав да се занимавам некаде при крај на осмо одделение, почеток на прва година средно. Но, работејќи како фризер увидов дека нешто ми недостасува за комплетен изглед, па така почнав да експериментирам со шминкањето, да посетувам курсеви, кои не беа во Македонија, тогаш немаше ништо такво тука кај нас. Немаше ни некои парфимерии, беше само „Рубин кармин“, па од странство ми носеа шминки.

Што е твоја карактеристика во шминкањето и по што си препознатлив?

– Јас сум препознатлив по интензивната и доминантна шминка. Сакам поизразени очи, но во последно време сè повеќе се свртувам кон нежна, пософистицирана природна варијанта. Но, јас сум тој со црните очи, јаките очи. И црвен кармин на црни очи секогаш преферирам, иако викаат дека јаки очи и црвен кармин не оди, за мене сѐ оди. Го сакам оној гламурозен „холивудски изглед“, па и по тоа сум препознатлив.

Фото: Приватна архива

Што ги советуваш дамите во изборот на декоративната козметика?

– Мојот совет за дамите е дека не мора секогаш да мислат дека најскапата шминка е и најквалитетна, затоа што може да најдат и многу поевтина шминка што е на ниво на поскапите. А совет – доволно е маскара и пудра, малку руменило и сјај за усни и ќе бидат совршени.

За крај, која е пораката до младите што сакаат да се занимаваат со оваа работа?

– Секој си ја избира сам својата професијата. На младите им советувам да се занимаваат со оваа професија, затоа што ова се работи со љубов и бои и има креативност. Сега е многу полесно, тие имаат каде да научат, на Тикток, Инстаграм, има курсеви. И како што секогаш пишува на моите фотографии на Инстаграм: „Си ја сакам работата“ и ова го работам од љубов. Оваа работа бара љубов и вежбање.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот