
Владата воведува нова поделба на подобни и неподобни?
Во миговите на болка, гнев и тага по големата трагедија во Кочани, премиерот Христијан Мицкоски со цела свита зад себе на аеродромот во Охрид свечено го пречека првиот лет на „Туркиш ерлајнс“ од Истанбул до Охрид и го прославија поврзувањето на Македонија со светот како епохален, историски успех на државата.
Препорачано
Да беше завршен тендерот за избор на фирма што треба да изработи софтвер за оцена на медиумското влијание, на премиерот и на министрите на имејл ќе им стигнеа извештаи што напишале весниците, што објавиле телевизиите, какви се реакциите на социјалните мрежи и кој пишувал. Од трите опции за оценување – позитивен, негативен и неутрален – секако ќе ја избереа првата. Ќе имаа 24 часа увид колку и кој објавил позитивни, негативни објави за овој историски чекор.
Од она што е досега јавно објавено, вака грубо може да се објасни како би функционирал новиот софтвер со вештачка интелигенција, за кој Службата за општи и заеднички работи на Владата распиша тендер.
Засега не се знае колку пари на граѓаните ќе потроши Владата за системско следење, селекција, изработка на објавите во весници, списанија, магазини, интернет медиум и социјални мрежи, како што пишува, „од интерес на нарачателот за потребите на 30 државни и политички институции (министерства, агенции)“ кои ќе се дистрибуираат до неограничен број корисници. Следењето на медиумите и нивната оцена заедно со тендерот од 370 илјади евра за мерење на рејтингот на Владата се распишуваат по една од најголемите трагедии во поновата историја, а пред локалните избори.
Главниот и одговорен уредник на „Независен“ Љупчо Поповски оваа алатка што власта сака да ја воведе, ја карактеризира како безмилосно трошење народни пари за владини, всушност, партиски цели.

Поделба на подобни и на неподобни медиуми
– Целта е бесмислена – да се сортираат позитивните, негативните и неутралните вести. Зошто? Да знаат владините структури кои медиуми им се наклонети без да ги проверуваат фактите, а кои се критички кога ќе ги проверат фактите? А потоа во фасцикли ќе се класифицираат подобните и неподобните медиуми. Ова има силен допир со начинот на кој демократијата се сфаќа во Кремљ и се управува со неа. Како таму да се бара инспирацијата. Со вештачката интелигенција ќе треба да ѝ се доставува дневен извештај на Владата за подобните и за неподобните. Ова веќе претставува своевиден ужас и во неколку сегменти ги поминува и груевистичките времиња. Оваа владејачка структура е очајна да гледа што мислат граѓаните на секојдневно ниво, а не што прави таа за нив на секојдневно ниво. Затоа и на новите владејачки структури им е совршено јасно дека прават многу малку и дека работите веќе се штиклирани во графата изневерени очекувања. Основата на сѐ е дека Владата нема идеја какви реформи би требало да прави, каков скок да направи, кои ѝ се приоритетите, освен да се победи убедливо на локалните избори и каде би требало да оди Македонија во иднина – вели Поповски за „Слободен печат“.

Мониторингот на медиумски содржини и изработката на прес-клипинзи, пак, според главниот и одговорен уредник на Сител, Славица Арсова, не е новитет ниту за Македонија, ниту за која било влада и вештачката интелигенција во тој процес може значително да го олесни мониторингот. Ако се употребува правилно, на Владата може да ѝ овозможи ефикасен увид за тоа како новинарите известуваат за нејзините политики и активности, а таквите сознанија да ги искористи за подобрување на своето работење. Таа лично е против квалификувањето на вестите и, според неа, единствено граѓаните се тие што ја оценуваат работата на медиумите.
– Сепак, ваквите алатки може да бидат злоупотребени, исто како што може да се злоупотреби што било друго. Треба да се следи како Владата ќе го користи овој систем – за подобрување на своите политики во интерес на граѓаните или за етикетирање, цензурирање и притисок врз медиумите и новинарите. Јас лично сум противник на квалификувањето на вестите како позитивни, негативни и неутрални, зашто тоа е подложно на субјективно оценување и не додава вредност во делот на транспарентноста на Владата. Единствените што релевантно ја оценуваат работата на медиумите се граѓаните, во чиј интерес единствено треба да работат новинарите и медиумите – вели Арсова за „Слободен печат“.

Здружението на новинари на Македонија е внимателно околу тоа што би била целта на оваа алатка, дали да ѝ помогне на Владата и другите институции преку анализа на медиумските содржини поефикасно да ги планираат политиките и мерките во интерес на граѓаните, нешто што не спаѓа во нивниот делокруг на работа, или новинарите ќе се оценуваат според нивната критичност што ја отвора можноста за автоцензура и притисоци.
– Доколку алатката се користи за оценување или категоризирање на медиумските објави и новинарите според нивната критичност или уредувачка ориентација, со можност за влијание врз нивната работа или политики, тогаш тоа би влијаело на нарушување слободата на медиумите и отвора простор за автоцензура и притисоци. Како Здружение на новинари ќе продолжиме внимателно да го следиме ова прашање, особено во делот на транспарентноста, примената на алатките и евентуалното влијание врз слободното новинарство. Во секој случај, остануваме на јасен став – новинарите мора да работат слободно и без надворешни притисоци, а институциите се повикани доследно да го почитуваат принципот на уредувачка независност и да промовираат транспарентна и одговорна комуникација со јавноста – порачуваат од Здружението.
Страв од притисоци и цензура
Комуниколозите што ги контактираше „Слободен печат“, велат дека оваа алатка ја користат многу влади и не е нешто ново, но тука се и негативните искуства од минатото, па Владата ќе мора да демонстрира висок степен на транспарентност и да информира детално и за трошоците, но и како конкретно ќе ги користи овие податоци.
– Во суштина станува збор за легитимна алатка што ја користат многу влади и ако правилно се користи, може да биде од полза и за Владата и за граѓаните за подобрување на јавната комуникација. Сепак, во наши услови неопходна е внимателност при користење вакви напредни технологии за да се обесхрабрат и да се превенираат злоупотреби. Во тој контекст, поради сензитивноста во јавноста и многу негативни искуства од минатото, Владата треба да демонстрира висок степен на транспарентност и да информира подетално во делот на трошоци, но и за тоа како конкретно ќе ги користи овие технологии и податоци. Во јавноста, со право, предизвика различни реакции информацијата дека објавите, а со тоа посредно и медиумите, ќе се категоризираат во позитивни, негативни и неутрални, па во недостиг на повеќе информации, Владата и нејзините служби за јавно информирање треба да понудат повеќе информации како ќе се користат овие податоци генерирани преку вештачка интелигенција и кои механизми треба да бидат поставени за да се спречат злоупотреби. Подобра комуникација и координација со медиумската заедница секако би спречила недоверба и страв кај новинарите од можни притисоци и цензура – вели за „Слободен печат“ комуникологот Сеад Џигал.

Неговиот колега Бојан Кордалов вели дека ако ваквиот клипинг се користи правилно, може да придонесе за брзо информирање, коригирање на политиките на извршната власт, како и заштита на институциите од дезинформации.
– И затоа, најважно е да се следи со која цел и како ќе се користи за да не дојде до загрозување на личната и на медиумската слобода. Совет до Владата – да ја уреди употребата и јавно да објави систем за брза и двонасочна комуникација со медиумите и граѓаните, кој ќе биде направен во соработка со професионалните медиумски здруженија, а со кој ќе се постават јасни принципи за зголемена и реално одржлива транспарентност која нема да зависи од тој кои партии или политичари во моментот се на власт – вели Кордалов за „Слободен печат“.
Влада: Целта е следење на реакциите на јавноста
Според објавената техничка спецификација, фирмата треба да изработи софтвер за оцена на медиумското влијание и на корисниците ќе им се овозможи веб-пристап 24 часа на ден со можност за пребарување, обележување клучни зборови во објавата, прикажување на оригиналниот извор со линк, можност за изработка на извештаи, можност за оценување на медиумските објави во однос на позитивна, негативна и неутрална конотација, онлајн квантитативна аналитика на објавите по одредени параметри.
Од Владата тврдат дека тендерот е распишан за да им се овозможи на институциите следење на реакциите на јавноста за да креираат и да спроведуваат политики за добробит на јавноста и граѓаните, но и да ги воочеле своите грешки во работењето за да се коригираат.