Фото: Zoonar/Stockfotos-MG, Zoonar GmbH / Alamy / Profimedia

Владата воведува методологија за енергетска сиромаштија

Министерството за енергетика и рударство објаснува дека методологијата ќе овозможи преку јасни параметри – како ниски приходи, високи трошоци за енергија и ниска енергетска ефикасност – да се утврдува енергетската сиромаштија и врз таа основа да се создаваат годишни програми за заштита на ранливите потрошувачи.

Министерството за енергетика и рударство воведува методологија за енергетска сиромаштија, која ќе утврди јасни критериуми за препознавање на ранливите домаќинства и нивна понатамошна заштита.

Методологијата, велат од Министерството, ќе овозможи лесно ќе се утврдуваат параметрите кои укажуваат на енергетска сиромаштија како: ниските приходи, високите трошоци за енергија во семејниот буџет и ниската енергетска ефикасност на домаќинствата. Тие ќе бидат основа за понатамошни годишни програми за заштита на ранливите енергетски потрошувачи.

– Со оваа методологија за првпат систематски ќе ја измериме енергетската сиромаштија во земјава. Тоа ќе ни овозможи јасно да ги идентификуваме домаќинствата кои се најпогодени и да креираме прецизни, таргетирани мерки за нивна заштита. Нашата цел е никој да не биде оставен на маргините. Ова е силен чекор напред кон една поправедна и посоцијално одржлива енергетска политика – изјави министерката за енергетика Сања Божиновска.

Од Министерството за енергетика велат дека методологијата ќе им овозможи на институциите подобро да ја согледаат големината и структурата на енергетската сиромаштија во земјава. Таа ќе биде основа за креирање таргетирани политики и мерки за заштита на домаќинствата кои најмногу имаат проблеми со обезбедување енергија, додаваат, а воедно ќе помогне и во усогласување со европските стандарди и практики во рамките на пошироката агенда за енергетска транзиција и социјална одржливост.

Како што појаснуваат од Министерството, Секретаријатот на Енергетската заедница позитивно ја оценил нацрт-верзијата на методологијата, потврдувајќи дека таа е усогласена со Директивата (ЕУ) 2019/944, која ги обврзува земјите да воспостават и објават критериуми за утврдување на енергетската сиромаштија. Со тоа, документот е подготвен за практична примена.

Министерството веќе го подготвува и следниот чекор – годишна програма за заштита на ранливите потрошувачи, во која методологијата ќе има централна улога при дефинирање на приоритетите и мерките за поддршка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот