Евра/Фото: Miguel Perfectti / Alamy / Alamy / Profimedia

Владата ќе ги финансира капиталните проекти: Потребна е итна децентрализација, наместо да се дотираат општините

Јавноста се прашува дали најавената 1 милијарда во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ е преполовена или допрва ќе следува остатокот. Економскиот аналитичар Абил Бауш е загрижен за зголемувањето на јавниот долг, кој сериозно може да го намали квалитетот на животот на граѓаните

Откако премиерот Христијан Мицкоски од Вашингтон најави дека унгарската Влада ќе ѝ позајми на македонската Влада сума од 500 милиони евра со камата од 3,25 проценти, три години грејс период, и 12 години рок на отплата, што е вкупно 15 години, јавноста се прашува дали најавената 1 милијарда во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ е преполовена или допрва ќе следува остатокот?! Економскиот аналитичар Абил Бауш за „Слободен печат“ смета дека договорот е малку чуден, но е дециден дека не може држава да и позајмува на држава, туку тоа мора да оди преку некоја мешовита банка.

-И овој договор, како и некои други кои ги правеа претходните влади е малку чуден, но јасно е дека држава не може да зема заем од друга држава, туку тоа мора да биде преку некоја банка. Според мене тоа ќе оди преку Развојната банка, а не преку комерцијалните банки, бидејќи тоа ќе им биде конкуренција на нивните кредити – додава Бауш.

Премиерот Мицкоски исто така објасни дека овие 500 милиони евра ќе бидат употребени на следниот начин: 250 милиони евра директна поддршка за македонската економија под истите услови, 3,25 проценти камата, три години грејс период, 12 години рок на отплата или вкупно 15 години, а 250 милиони евра ќе бидат наменети за капитални проекти, кои што ќе бидат изведени во општините.

Според Бауш, наместо да им дава 250 милиони евра на општините за изведба на капиталните проекти, Владата треба да поработи на целосна децентрализација на локалните самоуправи, нешто што се одложува подолг период.

-И досега имаше директни инјекции за нив, а за потсетување, во пандемиската 2021 година Владата на тогашниот премиер Заев, обезбеди 50 милиони евра за општините. На тој начин тие добија неповратни средства за да покријат 51 отсто од пријавените долгови. Од друга страна, позитивно е што во бизнисот ќе се слеат 250 милиони евра, кои се сериозна инфузија за стопанството да ја искористи за квалитетни развојни проекти – објаснува Бауш.

Сепак, тој загрижен за зголемувањето на јавниот долг, кој сериозно може да го намали квалитетот на животот на граѓаните. Јавниот долг како процент од БДП е навлезен во критичната зона од над 60 проценти, па оттука се високи трошоците за неговото сервисирање.

-Има држави кои се многу позадолжени од нас и тоа не е спорно, но тоа не влијае врз стандардот на тие граѓани. Кај нас за жал сликата не е таква, така што би предупредил да се внимава како и колку се задолжуваме – вели Бауш.

На почетокот на мандатот Владата на Мицкоски се пофали дека е одобрено зголемување на пензиите за 2.500 денари во септември, со што корист ќе имаат сите 337.000 пензионери. За март е планирано уште едно зголемување на пензиите за 2.500 денари. За првото зголемување на Владата ќе и бидат потребни околу 164 милиони евра годишно. Ако покачувањето од март биде удвоено на вкупно 5.000 денари според ветувањето на Владата на ВМРО-ДПМНЕ, тогаш ќе бидат потребни над 330 милиони евра. За да се реализира оваа мерка државата или ќе мора да се задолжи со кредити, или пак, ќе треба да биде зголемена и старосната граница за пензионирање, велат експертите.

И од најголемата опозициска партија реагираа на изјавата на вицепремиерот и министер Александар Николоски за поволно, позајмените финансиски средства од Унгарија. Според СДСМ, во моментов имаме поповолни кредити и со помала камата од унгарскиот заем. Македонија е веќе корисник на кредит од 150 милиони евра од Европската банка за развој по многу подобри услови и помала камата од 1,6 отсто, со грејс период од 24 месеци и рок на отплата од 12 години, потсетија од СДСМ

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот