
Владата ќе ангажира 400 привремени пожарникари: Сите млади и физички способни да се пријават на огласот
Владата објави оглас за ангажирање на 400 невработени луѓе во спречување и заштита од пожарите. Секој што ќе се пријави и ќе биде избран, ќе добие месечен надомест по 24.000 денари, информираа на денешната прес-конференција, владината портпаролка Марија Митева и директорот на Дирекцијата за спасување и заштита (ДЗС), Стојанче Ангелов. Како што беше кажано, тие што ќе покажат посветеност и висока физичка подготвеност по завршување на оваа мерка ќе бидат трајно вработени во некоја од територијалните противпожарни единици.
Препорачано
Директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов рече дека тие што ќе се пријават на повикот ќе имаат кратка обука, по која ќе бидат одбрани најдобрите и ќе бидат вклучени во специјална единица за заштита и спасување, која е во фаза на формирање.
„Ги повикувам оние кои бараат работа или сакаат работа со поголем предизвик да се пријават. Во Скопје е предвидено да бидат ангажирани околу 100 лица, кои ќе бидат вработени во тимовите за брз одговор за заштита и спасување, а најдобите од нив ќе бидат потоа вработени во новата едници која планираме да ја формираме и ќе се вика Специјална единица за заштита и спасување. Можеби оваа сума од 24.000 денари не е голема, но сите кои ќе се покажат ќе може трајно да бидат вработени во Бригадите за противпожарна заштита. Кандидатите треба да бидат психофизички здрави, а луѓе со хронички болести, срцеви болести, проблем со шеќер не е добро да се пријават на овие огласи“, рече Ангелов и додаде дека општините Струмица и Кочани не аплицирале па бројките кои биле предвидени за нив ќе бидат најверојатно распоредени во останатите општини.
Според Ангелов, состојбата со системот за заштита од пожари во моментот е драстично подобрена. На Дирекцојата ѝ се предадени пет хермелини, 15 БТР, 18 пинцови, се чекаат уште пет, и истите се прилагодени за користење во противпожарни задачи.
„Ова утро имавме огнено крштевање на еден од пинцгауерите на пожарот близу Скопје во атарот на Чучер Сандево при што покажа навистина извонредни резултати“ рече Ангелов.
Тој потврди дека се уште е активен пожарот кај Блаце, во чие гаснење вклучени два полициски и еден армиски хеликоптер, како и еден „хермелин“ со цистерна, еден „пинцгауер“ и едно теренско возило „амарок“.
„Теренот е исклучително тежок, стрмен терен, тешко пристапен или непристапен, но нема опасност за населените места. Беа спасени неколку објекти веднаш покрај самиот пат, огнот дојде на десетина метри од нив но благодарение на екипите беше спречено неговото шоирење“ појасни директорот на ДЗС, кој ги повикува граѓаните да бидат внимателни во овие пожари.
Според Ангелов, за Кочани како општина овој оглас треба да биде најзначаен, по досега најтешката трагедија во Македонија во која загинаа 62 луѓе.
На новинарско прашање – чија е идејата за пренамена на армиските возила, во возила за гаснење пожар, Ангелов рече дека тоа не е тој, но дека го имало на гугл.
„Ние не сме први кои сме го направиле тоа, ако пишете на гугл БТР ќе видите. Не сум јас или е некој креативен или некој што прочитал на гугл“ одговори Ангелов.
Во моментов во земјава има меѓу 700-800 пожарникари, а според стандардите за еден пожарникар на 1.500 граѓани потребни ни се 1.500 пожарникари, рече директорката на Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС) Душица Перишиќ.