
Владата има меѓународна поддршка за ЕУ-интеграцијата, но државата ја кочат „внатрешни пречки“, вели Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ
Бојан Стојаноски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, гостуваше во емисијата „Само вистина“ на „Канал 5“, при што рече дека неговата партија и Владата се „цврсто посветени на евроинтеграциите, но сепак влегувањето во ЕУ како полноправна членка да биде на достоинствен начин“. Стојаноски вели дека оваа власт е „отворена за дијалог и соработка и се бори за успех и признавање на Македонија, и дома и на меѓународната сцена“.
Препорачано
– Ние на изборите нашиот план соодветно го кажавме и тоа го повторуваме со сите оние со кои што разговараме, дали бил претседателот на Европскиот совет, на Европската комисија. Нас суштински приоритет ни е да влеземе во ЕУ, но на достоинствен начин и со тоа, ете, според критериумите од Копенхаген, не со билатерализација на одредени проблеми – вели Стојаноски.
Тој рече дека Македонија „добива пофалби од европски лидери за реформите и успешната имплементација на Планот за раст, но додаде дека и покрај меѓународната поддршка, постојат внатрешни пречки што ја кочат државата“.
– Тоа што го кажа денеска Рокас, почитуваниот евроамбасадор, кажа дека има иницијатива и дипломатска офанзива. Устишување на нашите аргументи, коишто се само во насока на почитување на тоа човеково основно право на самоопределување. Мислам дека од аспект на другите реформи кои што сега ние можеме да ги правиме, и господинот Кошта и Каја Калас кажа дека ние сме сосема одлични во испорачувањето на проекти за Планот за раст. Госпоѓата Марта Kос нè нарече „шампиони во Западен Балкан“, за ете, носење на законските решенија, имплементирањето на реформи и повлекување на тие средства, но сите знаеме тука и граѓаните што нè спречува нас и што доведе да нас нè спречува – рече Стојаноски.