
Владата до крајот на август ќе чека прелози како да се распушти Судскиот совет
Владата на утрешната седница ќе разговара за можноста за распуштање на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители, дознаваме од владини извори. Од Владата информираат дека досега не е пристигнат никаков предлог за реформи на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители, иако пред неколку недели премиерот Христијан Мицкоски ги повика сите експерти и познавачи да дадат свои предлози.
Препорачано
– Тој рок и отвореноста за предлози за кои ќе се разговара и на владината седница трае до крајот на овој месец – велат извори од Владата.
Викендов, по информациите на „Телма“ дека Владата се согласила да нема распуштање на Судскиот совет, извршната власт го повтори ставот дека не се откажуваат од идејата за распуштање на двата совети.
„Во државата институциите работат согласно важечките закони и Устав. Сите документи кои произлегуваат задолжително мора да бидат во содејство на важечките закони и Устав. Владата не се откажува од идејата за распуштање на Републичкиот судски совет и Советот на обвинители што претставува реформа на овие институции за кои јавно повикавме на расправа и ќе потсетиме дека имаат под два проценти доверба. Нивното нераспуштање ќе значи продолжување на агонијата едни послушни кон власта судии и обвинители, по истиот принцип како минатото да бидат заменети со други. Тоа не е нашата цел, ниту заложба. Разбираме дека од распуштањето на овие институции има многумина исплашени и загрижени, но доаѓа време на промени и шанса за професионалните и способни кадри“, соопшти Владата.
Премиерот Мицкоски во неколку наврати рече дека власта со законски измени ќе ги распушти советите, на што реагираше евроамбасадорот Дејвид Гир, со образложение дека тоа е мешање на извршната власт во правосудството. По овој став на Гир, Мицкоски рече дека амбасадорите се мешаат во внатрешните работи на Македонија и ги повика да дадат други предлози. На ова, пак, евроамбасадорот Гир во интервју за „Слободен печат“ неодамна одговори дека ги споделува очекувањата на премиерот за напредок во реформите во правосудството.
– Но, како да се направат тие реформи? За Судскиот совет имаше 40 препораки од Оценската мисија на ЕУ. Има многу различни предлози за тоа како навистина да се подобри ситуацијата и во Судскиот и во Советот на јавни обвинители. Нешто е веќе постигнато, ама ајде да ја видиме имплементацијата на препораките. Се разбира, разговараме со властите како тоа може да се случи. Но, не е само до властите, туку и до самото правосудството и обвинителството да ги спроведуваат препораките. Почитувајќи ги нивните различни улоги, се обидуваме да го зајакнеме владеењето на правото, без да се наруши принципот на поделена власт во процесот. Реално, има некаков напредок по ланскиот дебакл во Судскиот совет, има поголема транспарентност во Врховниот суд, на пример, но тоа не е доволно. Дали претстои уште долг пат, да, претстои, и ниските очекувања на граѓаните се со причина. Неопходни се фундаментални реформи – рече Гир во интервјуто.
Викендов Телма објави дел од документ за обврските што ги презела Македонија пред ЕУ, како дел од реформската агенда за Планот за раст, според кој Владата се согласила да нема распуштање на двата совета. Според тој исечок од документот „нови членови на Судскиот совет ќе ги заменуваат оние на кои им е истечен мандатот, избрани согласно изменетиот закон“. Рокот за спроведување на обврската е декември 2025 година. Во документот е усогласено и дека најдоцна до јуни 2025 година ќе се донесе нов закон за Судскиот совет, во согласност со препораките на оценката мисија на ЕУ и мислењето на Венецијанската комисија.
Новиот закон е изготвен од страна на работна група што пред нецела година ја формираше Министерството за правда и наскоро се очекува да биде поставен на дигиталниот регистар на закони ЕНЕР за коментари од јавноста. Во тој закон се имплементирани 40-те препораки на Оценската мисија на ЕУ, која по скенирањето на Судскиот совет даде насоки за реформа на ова највиско тело во правосудството, но не предложи негово распуштање.
Според академик Владо Камбовски, кој раководеше со работната група, распуштањето ќе значи мешање на извршната во судската власт, а реформата треба да оди во насока со препораките од ЕУ, затоа што разрешување во целина на Судскиот совет не е едноставно и „големо прашање е дали може уставни тела да бидат разрешувани со обични закони“.
Опозициската СДСМ денеска истакна дека „Владата на Мицкоски е фатена во нова лага, односно додека јавно вели дека не се откажува од распуштањето на Судскиот и Обвинителскиот совет, се согласила да се менуваат само членовите на кои им е истечен мандатот“.
„Документот е дел од преземените обврски од реформската агенда за Планот за проширување и медиумите веќе ги објавија овие делови со кои се согласила Владата на Мицкоски. По кој пат Мицкоски дома кажува едно, а надвор прави друго? Или пак е решен да не планира да го спроведува Договорот со Европската комисија и да се откаже од реформите? А реформите во правосудството се можни само со спроведување на 40-те препораки од оценската мисија на ЕУ, со поддршка и мониторинг од меѓународната заедница“, соопшти СДСМ.
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ возвратија дека СДСМ е против реформите во судството затоа што на тој начин „ги штити криминалите на Зоран Заев, Венко Филипче и Али Ахмети“.