
Влада во влада
Не знам какви пораки примија „огнените“ од ДУИ, но антистрес-прославата по потпишувањето државен договор само од еден дел од извршната власт остава впечаток на независност во одлучувањето на „владата во Влада“, згора и со „обележување територија“ во државен објект, надвор од „Илинденска“ бр 2.
Поминаа неколку дена, а вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска уште не го пофалила доброто владеење на министрите на ДУИ при антистрес-релаксирањето во 10-милионската зграда на Министерството за политички систем. Вицепремиерот Артан Груби и неговите колеги од ДУИ добро владееја со топката на мал простор штом како вистински фудбалски уметници не ги скршиле скапите уметничките слики, веднаш до обрачот висок „метар и жилет“.
Препорачано
Филмот што си го направи ДУИ по потпишувањето на договорот со „Бехтел и Енка“, чија почетна вредност е 1,3 милијарда евра, не беше само „дружбата без вратоврски“, туку е уште една злоупотреба на државен имот во „игротеката“, свечено отворена пред повеќе од две години со дување роденденски свеќички на тортата наменета за партискиот лидер Али Ахмети. Роденден на кој паднаа маските среде епидемија, меѓу затворен круг луѓе. Круг отпочнат со прекубројни рамковни вработувања на партиски апаратчици кои немаше каде да бидат сместени, па процесот мораше да биде заокружен со изградба на објект за нивно згрижување и формирање министерство за божемна прераспределба по други институции.
Големо беше потфрлањето со баскетот на дрим-тимот на ДУИ. Иако личеше на однесување на „слонови во продавница за стакло“, угледот на државата беше ставен на жртвеник поради нужниот пи-ар за т.н. „ахметисти“ во деновите на опасно живеење за партијата. Пораките беа наменети, пред сè, за мирнодопските дезертери – „огнените“ од ДУИ. Конечната разврска со маскирните вратоврски сепак ќе ја добиеме кон крајот на годината, кога треба да се одржи Конгресот на дезинтегрираните „интегративци“.
Дека Груби знае да дрибла покажа манифестација на сила со неговата најава дека во иднина и Агенцијата за млади и спорт ќе биде вклучена во Министерството за политички систем. Значи, за уште 10 милиони државни пари секоја година ќе решава Министерството во негова надлежност. Колку да се прошири делокругот на влијание во државата. Тука се да помогнат и експертот за економски „забивања“, Крешник Бектеши, потоа дипломатот со лекарско образование, задолжен за надворешна политика, Бујар Османи, кој сега како координатор на ДУИ и внатрешно ќе решава проблеми во Чаир, но и Фатмир Бесими и Јетон Шаќири, на кои им се „тешки нозете“ за фудбал во годината без многу пари во буџетот и без доволно учебници во образованието. Единствено Насер Нуредини отпадна во играњето „шева“ при реконструкцијата.
Не знам какви пораки примија политичките противници на министрите од ДУИ, но спортско-рекреативна прослава по потпишување државен договор, наречен историски, и тоа само од еден дел од извршната власт, во јавноста остава впечаток на независност во одлучувањето на „владата во Влада“, згора и со „обележување територија“ во државен објект, кој е надвор од „Илинденска“ бр 2. Отстапката е направена многу одамна, уште кога се распределувале ресорите, фаза од исклучителна важност при формирање влада во која функционира „немешање во работата и парите“. Оттаму, реакциите за сомнителната фирма што ќе врши надзор врз изградбата на дел коридорите 8 и 10Д се само пукот во празно. Тие претходно успешно се справија со многу поважен надзор, тој од гласачите, две децении градејќи партиски „обработено“ гласачко тело по пат на клиентелизам. Концентрацијата на моќта што ја имаат сега е толку голема што другите министри, па и премиерот, заради останување на власт молчат за сите одлуки донесени во потесен круг во Мала Речица. „Споредните“ може само да климаат со главата како што се нишаше некогашниот украс во автомобилите што го паметат само повозрасните – главчето на кучето пред ветробранското стакло.
Новиот дриблер на ДУИ од својот постар учител очигледно ги научил сите финти како да се владее во отсуство на пресинг на граѓаните. Раскалашеното однесување само за да се олабави притисокот во сопствената партија секако дека не е добро владеење, но Грковска не може да каже дали е или не е, зашто таа е само мал винт во системот. Премал за да може да „стегне“.