
Вкусен и здрав рецепт на Стефанија Несторовска: Јаболко-цимет мафини
Стефанија Несторовска, која стои зад инстаграм-профилот и блогот snestorovska.com, ви донесува здрав и вкусен појадок, кој можете да го јадете и како ужина и како десерт.
Препорачано
Стефанија ги обожава топлите, убави вкусови како цимет, печени јаболка, тиква, силните зачини како морско оревче, каранфилче и сѐ што спаѓа под есенски вкусови. Ѝ ја греат душата и кога ги приготвува и кога ги пече, па целиот дом ѝ мириса убаво.
Инаку, има две опции како да ги направите, затоа не заборавајте да прочитате подолу во забелешки и совети.
Ова е одлична идеја за појадок, затоа што овие мафини не содржат додаден шеќер и состојките се идеални за балансиран, здрав и нутритивен оброк. Заблажени се само со природниот шеќер од бананите или пирето од јаболки (во зависност што ќе одберете). Стефанија додава и малку грчки јогурт за екстра протеини и малку путер од лешник за екстра масти.

Јаболко-цимет мафини за појадок
Состојки:
– 180 гр (2 шолји) овесни снегулки, крупни
– 2 банани (пасирани) или 250 гр (1 шолја) пире од јаболки (видете подолу во забелешки)
– 1 јајце
– 120 гр (1/2 шолја) бадемово млеко (или млеко по желба)
– 1 лажичка цимет
– 1 лажичка прашок за пециво
– малку сол
– 1 црвено јаболкo, исечкано на мали коцки
Подготовка:
Се загрева рерната на 190 степени и се подготвува тава за мафини така што се додаваат каписли или, пак, се мачкаат со малку кокосово масло за полесно вадење на мафините.
Во голем длабок сад се додаваат овесните снегулки, прашокот за печиво, циметот и малку сол. Се промешува сѐ додека не се соедини.
На оваа смеса се додаваат испасираните банани (или пирето од јаболка), јајцето и млекото. Убаво се промешува сѐ додека не се соединат сите состојки.
На крај, се додава исечканото јаболко и се промешува, за да се распореди еднакво низ целата смеса.
Се додава смесата во тавата за мафини и рамномерно се распоредува во 12-те дупки од тавата.
Се пече 17-20 минути. Се прави проверка одвреме-навреме, особено во последните 5 минути, бидејќи времето на печење може да варира од рерна до рерна. Мафините се готови кога ќе добијат малку златникави и потпечени краеви.
Се остава да се изладат околу 20-тина минути пред да се извадат од тавата.
Може да се чуваат на собна температура 2-3 дена или во ладилник до 5-6 дена.

Забелешки и совети:
→ Внимавајте при купување пире од јаболка и читајте го составот. Многу често знаат да додаваат непотребен шеќер. Доколку не може да најдете пире од јаболка, може да користите бебешка кашичка од јаболка (од оние без шеќер).
→ Мене лично повеќе ми се допаднаа со банани наместо со пире од јаболка. Но се само за нијанса повкусни.
→ Доколку користите банани, гледајте да бидат колку што е можно постари и со црни точки. Колку што се постари – толку се поблаги и се добива поубава текстура на мафините.
→ Во овие мафини нема додадено никаков шеќер (дури ниту здрав). Доколку ги сакате малку поблаги, тогаш додадете мед или некој засладувач како топинг пред да ги сервирате.
→ Секако може да додадете и други дополнителни работи како ореви, парчиња чоколадо и слично во смесата пред печење. Доколку ги подготвувате како десерт, може да експериментирате колку што сакате.