Фото: Драган Митрески / Слободен Печат

Вишиот управен суд поништи одлука на Антикорупциска со која тројца доктори во клиничка студија беа прогласени за луѓе со судир на интереси

Вишиот управен суд ја поништи одлуката на Антикорупциска комисија, со која тројца лекари од Клиниката за гастроентерохепатологија во Скопје беа прогласени за лица кои имале судир на интереси кога влегле во клиничка студија за лек на фармацевтската куќа „Јансен“. Компанијата „Јансен“ е во сопственост на американскиот фармацевтски гигант „Џонсон и Џонсон“ и токму таа ги одбрала овие тројца лекари да учествуваат во клиничката студија на Клиниката за гастроентерохепатологија. Во студијата постоечки лек за пациентите со тешка форма на кронова болест се споредувал со нов лек. Антикорупциска сметала дека докторите не би смееле да учествуваат во оваа клиничка студија затоа што дел од нив биле избрани и именувани лица во времето на поднесувањето на пријавата до нив (директорката на Клиниката и тогашниот претседател на Управниот одбор). Третата докторка истражувач пак, била сопруга на управителот на фирмата која го донела истражувањето во Македонија.

Но, Вишиот управен суд ја поништи ваквата одлука на антикорупционерите и клиничкото испитување на Клиниката за гастроентерохепатологија може да продолжи. Според судот, одлуката на Антикорупциска се поништува зашто не е доволно јасно дали била донесена во законскиот рок или тој бил пробиен и требало убаво да се утврди дали докторите зеле авторски надомест или спонзорство како што тврдеше Антикорупциска.

Од оваа клиничка студија најзасегнати беа тешко болните со кронова болест, на кои биолошката терапија им висеше на конец. Ако одлуката на Антикорупциска не паднеше на Вишиот управен суд, спонзорот на клиничкото истражување ќе го прекинел истражувањето и ќе си ги зел со себе и скапите кутии лекови што пациентите вклучени во клиничкото испитување сега ги примаат бесплатно. Така тврдеа адвокатите на докторите.

„Доколку одлуката на тужениот орган (Антикорупциска комисија) се спроведе, истражувачкиот тим ќе мора да се изземе од истражувањето, а компанијата која што е организатор на истражувањето ќе ја запре студијата, бидејќи нема да соработува со докторите кои таа лично ги избрала, а лековите ќе ги повлече. Доколку лекот се повлече, државата сама ќе треба да го набави, а една кутија од лекот чини 6 илјади евра, па тука не само што ќе има штета за државата, туку ќе има и последици врз граѓаните коишто ќе мора сами да го набават лекот, што неспорно не е јавен интерес“, навеле адвокатите на лекарите во судница.

Според гледиштето на антикорупционерите, овие лекари не би смееле да бидат во оваа клиничка студија, затоа што во исто време додека ги склучувале договорите за хонорари со спонзорот „Јансен“, биле на раководни позиции на Клиниката, односно биле избрани и именувани лица, како и поради тоа што една од докторките му е сопруга на управителот на фирмата што го поднела барањето за клиничката студија во име на „Јансен“.

Сите тројца се професори на Медицинскиот факултет и тоа беше причина докторите да тврдат дека ова не е класично спонзорство од фармацевтската куќа, туку е авторски хонорар за научно истражувачка работа која ним им е потребна за напредување во наставно-научни звања. Дополнително со студијата на лекот, тешко болни пациенти со кронова болест првпат добиле биолошка терапија каква што во Македонија никогаш немало, а им се дала шанса барем на половината од тешките случаи за подобрување на состојбата. Пред оваа терапија, кроновата болест во земјава се лекувала со застарена конвенционална терапија од пред 30 години, а на професорите им било срам да одат на меѓународни конференции и постојано да се правдаат дека „ништо од ова кај нас немаме“.

За антикорупциска ова е спонзорство, а за лекарите ова е хонорар за научно-истражувачка дејност. И тука, околу ова различно толкување на материјалното право се кршеа копјата на суд.

Во 2017 година на една меѓународна средба со професори по медицина, се појавила можност Македонија да биде вклучена во студијата на „Јансен“. Контактите ги направиле тројцата професори за кои Антикорупциска смета дека имаат судир на интереси. Критериумите да се влезе биле многу строги. За да се влезе, лекарите морале да имаат искуство со слични студии, а и пациенти со конкретната дијагноза коишто би можеле да ги регрутираат. Притоа сѐ морало да се докаже со документација од „Мој термин“.

Македонија првпат успеала да стане дел од клиничка студија што „Јансен“ ја спроведува во 155 земји и да ја добие терапијата од лекот „гузелкумаб“ која требало да се споредува со старата – „стелара“. Целта била да се докаже дека новиот лек не е полош од постојниот кој бил регистриран во Македонија од 2009 година. Студијата е „двојно-слепа“, што значи дека ни пациентот ни докторот не знаат дали пациентот прима плацебо или лек.

Кога почнала студијата „Јансен“ почнал на Клиниката за гастроентерохепатологија без пари да ѝ ги доставува и инјекциите „стелара“, кои инаку чинат 6 илјади евра, покрај новиот лек којшто клиниката го добила исто така без пари. Сѐ си течело најрегуларно, почнала регрутацијата на пациентите. Но, една година по почетокот на студијата, лекар од Клиниката кој сега е во пензија, до Антикорупциска доставил пријава во која навел дека сопругата на управителот на фирма застапник на истражувањето е истражувач во истото. Тоа, според него претставува судир на интереси, а и според Антикорупциска.

Во меѓувреме, Антикорупциска комисија побарала лекарите да го отстранат судирот на интереси и да излезат од студијата. Бидејќи немале намера да се откажат од клиничкото испитување за кое претходно поминале три години во обуки и за кое можеле да регрутираат пациенти, тројцата лекари решиле да ја тужат Антикорупциска и со тоа нивната студија „купила време“, односно не морало да ја прекинат веднаш.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот