
Вимблдон не го заборава Енди Мареј: Британецот добива своја статуа на еден од најголемите турнири
Само неколку дена пред почетокот на најпрестижниот тениски турнир, Вимблдон, организаторите најавија дека подготвуваат голема чест за британската тениска легенда Енди Мареј. Имено, терените на Ол Ингланд клубот ќе биде поставена статуа во негова чест.
Препорачано
Мареј, кој титулата на Вимблдон ја освои двапати (во 2013 и 2016 година), и минатата година објави крај на својата кариера, е еден од највлијателните британски спортисти во поновата историја. Тој стана првиот Британец по 77 години што успеал да триумфира на домашниот грен-слем, а со тоа стекна култен статус меѓу навивачите.
Според најавите, статуата би требало да биде откриена во 2027 година, кога Вимблдон ќе го одбележи својот јубилеј, 150 години од првото издание во 1877.
„Работиме интензивно со Енди и неговиот тим на овој проект. Сакаме да му оддадеме признание какво што заслужува. Видовме како Рафаел Надал беше почестен со статуа на ‘Ролан Гарос’, и сметавме дека е време слична чест да му укажеме и на Енди“, изјави претседателката на Ол Ингланд клубот, Деби Џеванс.
Иако рекордер по број на титули на Вимблдон е Роџер Федерер со осум трофеи, од клубот нагласуваат дека оваа иницијатива е пред сè поради тоа што Мареј е британски херој кој донесе нова ера на гордост за домашниот тенис.