Виена, Австрија
Фото: EPA-EFE/CHRISTIAN BRUNA

Виена тестира нови видови асфалт кој „дише“, пробите ќе траат три години

Градот Виена, кој бара решенија за сè пожешките лета, започна интересен експеримент – тестирање на асфалт кој се загрева помалку и ја пропушта водата. Во лето, асфалтот може да стане вистинска „печка“, особено во урбаните средини каде што бетонот и асфалтот брзо се загреваат и дополнително ја зголемуваат температурата на воздухот. Ова не е само непријатно, туку и штетно за здравјето, особено за постарите лица и децата.

Затоа градските власти, заедно со експерти од Техничкиот универзитет во Виена, започнаа проект за тестирање на нови видови асфалт. На велосипедската патека покрај бреговите на потокот Лисингбах на југот од градот се поставени четири различни видови асфалт – еден стандарден и три иновативни. Разликата е во бојата, видот на смесата и материјалот за врзување. Она што ги прави посебни е тоа што пропуштаат вода и се загреваат помалку. Постоечкиот асфалт ја запечатува земјата – водата не може да помине низ неа, што создава големи барички по дожд, а мраз во зима.

Во лето, ваквите површини дополнително го загреваат градот. Новиот асфалт, кој „дише“, дозволува водата да навлезе низ него, со што се лади површината. Покрај тоа, ѝ помага на природата да функционира – растенијата и дрвјата растат подобро кога водата не останува само на површината.

„Баравме нешто што е удобно за возење велосипед, но и за пешаци со деца и луѓе во колички. И секако, тоа е добро за животната средина“, рече Ули Сима, член на комитетот за планирање на градската влада на Виена.

Сензори што мерат температура и влажност се инсталирани по должината на 80 метри од патеката. Ова ќе покаже колку новите материјали навистина влијаат врз ладењето на околината. Доколку резултатите се добри, овој асфалт би можел да се користи низ цела Виена, особено во областите каде што летната жега е најизразена, најавува Кликс.ба.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот