Фото: EPA-EFE/ARMANDO BABANI

Видеонадзор во државната управа: Синдикалците против „големиот брат“

Не знам кому ова му текнало, но тоа не е реформа за дигитализација на јавната администрација, ова е буквално малтретирање на вработените во јавниот сектор! Ние ќе пружиме голем отпор на оваа идеја и нема да дозволиме таа да се реализира – вели Ралповски од КСС

Владиниот предлог преку видеонадзор и боди-камери да се контролира работата на службениците во ситуации кога се во контакт со граѓаните е незаконски и нема врска со дигитализација на администрацијата – изјави претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС), Благоја Ралповски, за „Слободен печат“.

Владата на 86. седница ги разгледуваше предлозите преку видеонадзор и боди-камери да се регулира контролира на службениците. Според вицепремиерот за борба против корупцијата Лупчо Николовски, целта на овој проект е превенирање од коруптивни дејства и јакнење на транспарентноста при вршење на работните задачи и обврски во институциите.

Овој предлог не се однесува на целата администрација, туку на оние сектори каде што процесот на работа не може комплетно да се дигитализира и неопходно е физичко присуство на службеникот. Секако, овој предлог детално ќе се истражи и анализира од аспект на негова имплементација, опфатот на службениците, обезбедување на сигурноста и приватноста на граѓаните, како и техничките и законските можности – објаснува Николовски за „Слободен печат“. Според него, до крајот на август сите измени и дополнувања на потребните закони за дигитализација ќе бидат подготвени и доставени до Собранието.

Првиот човек на КСС е крајно скептичен кон оваа новина и најавува синдикален одговор.

Ова ниту ќе се изведе ниту ќе се направи, бидејќи е забрането да се снимаат вработените додека работат. Не знам кому ова му текнало, но тоа нема врска со реформа и со дигитализација на јавната администрација, ова е буквално малтретирање на вработените во јавниот сектор! Видеонадзорот не е за снимање на вработените туку е за обезбедување објекти и имоти – вели Ралповски.

Според него, за боди-надзорот (вработениот да носи камера на кошулата) треба да се прашаат и граѓаните дали се согласни да бидат снимани додека се на шалтер или во контакт со владини службеници.

Наместо да се свртиме кон вистинска дигитализација, која ќе придонесе да бидат задоволни и службениците и граѓаните, да не доаѓаат по шалтерите на институциите за секој документ, ние правиме нешто што го нема никаде во Европа – да се снимаат вработените додека работат! Ние ќе пружиме голем отпор на оваа идеја и нема да дозволиме да се реализира. Мислам дека и граѓаните ќе нè поддржат во тоа – нагласи Ралповски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!