Венко Филипче - Претседател на СДСМ/ Фото: Слободен печат/ Методи Здравев
Венко Филипче - Претседател на СДСМ - Фото Слободен печат - Методи Здравев

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Венко Филипче за „Слободен печат“: Со оваа влада Македонија оди во провалија

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија Венко Филипче во интервју за „Слободен печат“ во пресрет на локалните избори оценува дека владејачката гарнитура не ги реализирала ветувањата дадени пред минатотогодишните избори, а бројките за раст што ги споменува значат само раст на хартија бидејќи граѓаните не го чувствуваат. Според него, сите ветувања на ВМРО-ДПМНЕ биле еден, како што го нарекува, „пиаровски меур“ којшто толку се надувал, што е очигледно дека пукнал.

Во оценките за владеењето на сегашната Влада, Филипче не е оптимист дека до крајот на нејзиниот мандат може да се очекува напредок. Напротив, тој смета дека напредок нема да има.

– Сметам дека ќе има само задолжување, сметам дека ќе има огромни кредити коишто ќе ги враќаат следните генерации за проекти коишто нема да донесат никаков бенефит на граѓаните, сметам дека стандардот ќе тоне, сметам дека младите ќе се иселуваат, сметам дека системот нема да зајакне и дека нема да се донесат реформски закони. За жал, сметам дека со оваа влада Македонија оди во провалија – вели Филипче.

Во меѓувреме, на локалните избори, тој вели дека ќе се борат за секоја општина. Се борат да ги презентираат на најдобар начин и кандидатите и програмите на СДСМ и да допрат до секој граѓанин. Ветуваат дека вратата на која било локална самоуправа којашто ќе ја освојат, ќе биде отворена за сите граѓани, нема да има затворени институции, ќе може да ги кажат своите проблеми и се надева дека граѓаните ќе го препознаат тој отворен и искрен пристап, ќе ги препознаат добрите програми, ќе ги препознаат добрите кандидати и дека ќе го дадат гласот за СДСМ. Сепак, Филипче не открива на колку освоени општини се надеваат.

– Главната работа на која бевме фокусирани изминатиот период е да ги идентификуваме нашите најдобри кандидати. Луѓе коишто се признати и познати во своите средини, коишто имаат широка поддршка, како во партијата, така и од луѓето околу нив, да се луѓе коишто се и кредибилни, имаат и легитимитет да излезат пред граѓаните, да можат со своето знаење и капацитет да влеат доверба дека тоа што ќе го ветата можат да исполнат, а јас сум тука да гарантирам за искрениот, чесен пристап и чесна работа на секој еден од нив – изјави Филипче.

Тој додава дека како партија СДСМ не се плаши од независните кандидати и од поделба на гласачкото тело, особено кога станува збор за Скопје и Центар, но најавува сериозна анализа за тоа како се однесувале независните кандидати во изминатиот период, какви и кои програми поддржувале во рамките на општините во коишто функционирале, какви се кандидатите, какво е нивното минато, дали биле во некаква врска со бруталната урбанизација, хиперурбанизација, хипербетонизација на одредени населби.

– И тука не го исклучуваме можното влијание на бизнис-интересите. Ќе излеземе во следниот период, ќе кажеме што сметаме дека граѓаните треба да знаат. Ќе повторам, ги поддржувам и јас лично, и СДСМ сите независни кандидатури меѓутоа граѓаните навистина мора да знаат дека се независни, дека имаат посебна програма – вели лидерот на опозицијата.

Во контекст на тврдењето дека граѓаните треба да знаат за што гласаат, тој се осврнува на ланската кампања на ВМРО-ДПМНЕ.

– Граѓаните, барем еден дел, сметаа дека гласаат за враќање на името. Сметаа дека гласаат за некакво подобрување на нашата преговарачка позиција со Европската Унија. Па и за двете работи излезе дека се излажани. Сметаа дека гласаат за некакво справување со некаков епски криминал, и излезе дека еве нема ништо. Сето тоа било еден пиаровски меур којшто толку се надува, што еве веќе очигледно е дека пукна – изјави Филипче.

Во однос на економската состојба, тој потсетува и на ветувањето за подобрување на стандардот, но и дека ништо не се случило, платите не растат.

– Платите не растат. Сите политики одат во насока на тоа дека власта е договорена со големите бизниси, големите фабрики, големите трговци. Дека се договорени со газдите на големите маркети и нема контрола на цените. Дека се договорени со големите винарии и дека нема доволни цени за откуп на грозјето. Дека се договорени со газдите на сите големи фабрики и нема раст на платите. Затоа што тоа ним не им одговара – вели тој и додава дека е сигурен оти Владата нема желба да запре поскапувањето.

Притоа потсетува на мерките што ги спроведе владата на СДСМ за ограничување на маржите и цените на продуктите во рамките на потрошувачката кошничка, основните прехранбени продукти.

Венко Филипче, претседател на СДСМ/ Фото: Слободен печат/ Методи Здравев
Венко Филипче – Претседател на СДСМ – Фото Слободен печат – Методи Здравев

На прашањето во врска со „црвените линии“ кои СДСМ ги актуализира во последниот период во однос на евроинтегративниот процес, лидерот на СДСМ вели дека се надева на меѓупартиски консензус и за наредната недела ја најавува веќе споменатата резолуција.

Неговиот став е дека нема ништо лошо во вклучувањето на Бугарите во Уставот бидејќи така ќе се направи јасна дистинкција помеѓу македонскиот и бугарскиот народ и еднаш-засекогаш ќе падне во вода силната кампања дека ние сме „еден народ во две држави“. Тоа, според него е еден сегмент. Во резолуцијата што ја подготвува СДСМ, вели дека ќе има и предлог за тоа што би направиле доколку се соочиме со вето од страна на Бугарија, па ќе предложат и временска рамка – кога да се направи првиот чекор, односно почеток на процедурата за уставните измени.

– Доколку почне тој процес и доколку се направат уставните измени во следните два или три месеци, веќе во јануари ќе се отвори првото поглавје од преговорите. За време на преговорите ќе зајакнува системот, притоа ќе дојдат финансиски средства за зајакнување на нашиот систем – вели тој.

И тука потсетува на ветувањето од ВМРО-ДПМНЕ за враќање на името, за инсистирањето пресудите од Судот во Стразбур да бидат имплементирани во Бугарија, но од тоа ништо не се случи.

– Сè некакви изговори бараат, а времето поминува, регионот оди напред, ние губиме чекор со Европа, системот не ни напредува и само тапкаме во место. И затоа, велам, тие се конзистентни дека ништо не прават. Туку бараат изговори – додава Филипче.

Во однос на аферата со информациите од АНБ за прислушување или следење, оценува дека е во контекст на веќе споменатиот „пиаровски меур“ со цел да фрлат дамка на владеењето на СДСМ. Но, како што вели, ова не е прва работа да слушнеме од премиерот за некаква злоупотреба на службите, „да ве потсетам, имаше случај со поткуп, наводен поткуп, не слушнавме никакви детали, потоа дека го следеле дронови, па дека ќе има дестабилизација некаква во државата и дека за тоа е виновен СДСМ, еве ништо од тоа нема, еве сега дека имало следење или прислушување, но не посегнуваат по прилично едноставните механизми со коишто власта може да ја расчисти таа афера“.

Венко Филипче - Претседател на СДСМ - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Венко Филипче, претседател на СДСМ/ Фото: Слободен печат/ Методи Здравев

– Е афера или не е афера? Се прекршиле ли законите во овластувањата или не? Како се прави тоа? Со декласификација на целокупниот материјал. Притоа не се потребни ниту судски одлуки, ниту ништо. Материјалите, согласно законот, може да ги декласифицира институцијата којашто претпоставувам ги класифицира, а тоа е самата Агенција за национална безбедност. Значи од Агенцијата за национална безбедност и директорот зависи тие материјали дали ќе се декласифицираат или не. И ние бараме да се декласифицираат, да видиме кои луѓе биле пратени, кои групации и зошто. Да видиме дали имало прекршување од кого било од тогаш надлежните функционери поставени во времето на СДСМ. Ако треба некој да понесе одговорност. Меѓутоа, едно специфично прашање: Дали со тие групи коишто биле следени и биле обработувани, согласно капацитетот и ингеренциите на АНБ, комуницирал и премиерот? И зошто комуницирал? Дали тој бил директно следен или комуницирал со некои што биле следени заради сомнителни активности? Тоа е исклучително важно прашање – објаснува Филипче.

Тој повторно апелира во што покус рок тие документи се декласифицираат и јавноста да знае за што станува збор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот