Трајан Ангеловски / Фото: Слободен Печат / Методиј Здравев

ВИДЕОИНТЕРВЈУ| Трајан Ангеловски, претседател нa ССК: Бадијала ни се кредити ако не може да инвестираме поради административни бариери

Неопходна е реформа во јавната администрација, да се надминат многубројните бирократски процедури, да може да се добијат полесно дозволи за градба, локации, да има попристапни патишта…

Дел од компаниите го чекаат кредитот од Унгарија. Поволните кредити се секогаш добредојдени, а инвестирањето од страна на компаниите го зголемува бруто-домашниот производ. Но, бадијала ќе бидат кредитите ако не може да се инвестира. А, во процесот на инвестирање постоја многубројни сопирачки, вели во разговорот за утринската програма на „Слободен печат“ Трајан Ангеловски, претседател на Сојузот на стопанските комори. Реформски процес, вели Ангеловски, е потребен во многу сфери затоа што во моментов имаме најнизок раст на БДП во регионот. Платите не само што не се единствената, туку се и четврта, петта причина во истражувањата на тема иселување на младите.

 

– Го поздравуваме овој чекор на Владата со унгарскиот кредит, затоа што потоа кредитите што ќе се пласираат во стопанството, што и да се договори, очекуваме да бидат поповолни. Станува збор за нетипични комерцијални кредити што ќе го стимулираат економскиот раст. Очекуваме дека владата и банките ќе најдат некое заемно решение како да дојдат до моментот овие пари да стигнат до компаниите. Инаку секогаш, не со многу добра волја, финансиските институции ги дистрибуирале пари од Македонската банка за поддршка на развојот. Но, Владата има своја позиција и стратегија – смета Ангеловски.

Тој вели дека ССМ веќе подолго време предлага парите директно да се дистрибуираат преку Банката за поддршка на развојот.

– Ние имаме разбирање за комерцијалните банки. Нормално, тие се профитни организации и не би можеле без одреден надоместок да го изработат дистрибуирањето на овие средства. Меѓутоа, логичен е и ставот на владата да обезбеди конкурентни каматни стапки, квалитетна рочност од 15 години што е веќе нетипична рочност што на пазарот не постои. Сметам дека тоа ќе биде голем стимул на сите компании што ќе сакаат да инвестираат да земат средства. Вкупниот кредит е 250 милиони, вака разговорно делува многу, меѓутоа за економски и бизнис операции тоа не се драматично големи средства. Затоа, очекуваме дека по завршувањето на овие 250 милиони, владата ќе продолжи со докапитализација на Македонската банка за поддршка на развојот, да обезбедува уште дополнителни квалитетни приливи на кредитни средства со квалитетни услови. Логичен чекор на секоја современа држава е преку Банката за развој да си ја развива економијата – вели Ангеловски.

Тој вели дека „кога ќе го измериме нашиот БДП во однос на европските економии, навистина сме на дното“.

– Нам ни требаат многу реформски чекори, кои мораме да ги спроведеме сè со цел да се подигне тоа ниво. Така што ова сметаме дека е првиот чекор, очекуваме и дополнителни чекори. Ние ако ги добиеме парите од унгарскиот кредит, а од друга страна не добиеме реформа во јавната администрација, во бирократските процедури, во можностите за градење нови објекти, нови капацитети и така натаму, може да се доведеме во прашање дали ќе можеме да ги употребиме тие средства – вели Ангеловски и посочува на дел од проблемите што ги имаат, какви што се локации за градба на индустриски објекти, инфраструктура – како локална така и регионална, односно републичка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот