Татјана Павлова, нутриционист фото: принтскрин

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Татјана Павлова, нутриционист: Многу често нè поврзуваат само со намалување килограми

Нутриционизмот е наука која се занимава со истражување на ефектите на храната и нејзиниот состав врз човечкото здравје. Во денешно време, кога бројни здравствени проблеми се поврзани со неправилната исхрана, значењето на здравата и балансирана исхрана станува клучно за превенција и лекување на болести, како и за поддршка на општата благосостојба. Во утринската емисија „Слободен печат“ зборувавме со Татјана Павлова, нутриционист, која им помага на луѓето да постигнат да го одржат здравјето и виталноста.

Павлова уште од нејзина најрана возраст знаела дека ќе се занимава со природни науки, здрава храна и здрав начин на живот. Завршила Факултет за земјоделски науки и храна како и постдипломски по нутриционизам. Како нутриционист работи веќе 8 години.

За „Слободен печат“ вели дека Македонците немаат правилен начин на исхрана. Таа објаснува дека секој човек треба да направи анализа како се храни, каде греши во исхраната и како може да ја подобри.

– Моето искуство и работата како нутриционист ми укажа на тоа дека навистина имаме буквално големи грешки во начините на исхрана. Готвењето е нешто што е вкоренето во нашите гени, но за жал ние сè почесто се тргаме од оние основни навики – вели Павлова“

Таа додава дека проблемите со исхраната сè почесто се појавуваат кај помладата популација.

– Свеста за посета на нутриционист не е на највисоко ниво, многу често нè поврзуваат само со намалување килограми – вели Павлова. 

Нејзината работа е водена од желбата да помогне секому да постигне здравје и виталност на долг рок, преку свесен избор на храна која ја поддржува целокупната физичка и ментална благосостојба. Но, за жал стресните времиња во кои живееме носат болести како канцер, обезност, дијабетес, заболувања на тироидната жлезда итн.

– Не само во Македонија, значи, општо земено и во останатите балкански земји, појавата на Хашимото тироидитис, хипотироидија, намалена функција на тироидната жлезда, е многу честа појава. Би можела да кажам дека тоа е дури и пандемија – вели Павлова.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот