Тајс Рутен. европратеник

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Тајс Рутен, европратеник: ЕУ си даде автогол во случајот со Бугарија и Северна Македонија

Актуелната влада во Скопје треба да размислува за тоа што е важно за иднината на земјата и мислам дека ако го решиме овој проблем со внесување на Бугарите во Уставот ќе имаме чист пат кон брзо членство во ЕУ, вели Рутен.

Тоа што односот меѓу Бугарија и Северна Македонија стана дел од процесот на пристапување беше автогол на Европската Унија, бидејќи беше грешка и сега ќе биде многу тешко да се излезе од тоа без потребните промени во Уставот, оценува холандскиот европратеник Тајс Рутен во интервју за „Слободен печат“.

Во интервјуто Руте ги изнесува своите оценки за процесот на проширување на Европската Унија во контекст на земјите од регионот на Западен Балкан и упатува критики на дејствувањето на претходниот еврокомесар за проширување Оливер Вархеји кој, според него, не дал активен придонес во враќањето на довербата во процесот. Притоа додава дека од витално значење е ЕУ да го започне процесот на проширување, да ја врати довербата и една или две земји да станат членки пред истекот на овој мандат.

– Северна Македонија е земја со најдолг стаж на чекање и мислам дека ние не само што треба да ја вратиме довербата на Западен Балкан во процесот на проширување туку и да овозможиме влез на една или две земји во ЕУ пред истекот на овој мандат – вели Рутен.

Што се однесува до случајот со Македонија признава дека многу луѓе не можат да разберат што значи да го смените името на својата земја затоа што сакате да станете членка на ЕУ, но како што вели, ЕУ не може постојано да ги крева критериумите или да ги менува правилата на игра.

– Сепак, актуелната влада на Северна Македонија треба да размислува за тоа што е важно за иднината на земјата и мислам дека ако го решиме овој проблем со внесување на Бугарите во Уставот ќе имаме чист пат кон брзо членство во ЕУ. Треба да се гледаат и интересите на граѓаните. Целиот процес и предлогот на француското претседателство не беше добар, но и без тој предлог прашањето со бугарското малцинство ќе требаше да се реши. Знам дека влогот е голем, но должни сме да го продолжиме процесот – ни изјави Рутен.

Неговиот совет е сите политички партии да се издигнат над оваа ситуација и да речат „од ова нема да оправиме политика и ќе го решиме за општо добро на земјата“.

Говорејќи меѓу другото, за односите на Македонија со Унгарија, вели дека приклонувањето на кон Виктор Орбан и Александар Вучиќ „кои се хранат со нестабилност и непочитување на принципите на демократијата и слободата не е местото каде што припаѓа Северна Македонија“.

Целото интервју со европратеникот Тајс Рутен може да го видите тука.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот