ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Стефан Вујисиќ: Уметноста не треба да е изолирана, таа треба да е меѓу нас

Стефан Вујисиќ/Фото: Слободен печат/ Слободан Ѓуриќ

По повод 15 април, светскиот ден на уметноста улица „Македонија“ во Скопје беше местото каде беа поставени неколку актови со улични живи статуи, во рамките на настанот „Центарски улици 2“. Еден од артистите кои успеаја да ја раскажат својата улична приказна, преку само една смрзната слика, беше и нашиот дипломиран актер Стефан Вујисиќ, кој беше и гостин во утринската емисија „Слободен печат“. Тој зборуваше за целта на овој настан, уличната уметност и живите статуи како начин да се донесе уметноста поблиску до народот.

– Тоа е една од главните причини, да не биде изолирана уметноста, да не биде во четири ѕида или во некоја рамка, каде треба некој на извесен начин да се натера да ја види или да ја чуе или да ја доживее, туку да биде меѓу нас. За момент да избледе линијата помеѓу уметноста и реалноста која ја живееме, што е многу возбудливо и мене ми е секогаш тенденција да ја доловам таа поента. Втората поента е да ја разбиеме монотонијата и рутинската живеачка.

Живите статуи немаат изразно средство кое е медиум помеѓу нив и публиката. Не е нешто преку кое можеш да се изразиш или „извадиш“, тоа е искушение за некој повеќе, за некој помалку. Голема улога игра и тоа каков човек си приватно, мислам дека луѓе со „краток фитил“ ќе имаат за нијанса поголем проблем, бидејќи ќе ги „удираат“ разни информации од страна и ќе треба да се изборат со тоа, а притоа треба да делуваат недопирливо. Приватно може сешто да ни се случува во главата и во телото, но да не го прикажеме тоа би било доблест – изјави Вујисиќ.

Зборувајќи за живите статуи, Стефан вели дека е тенка линијата помеѓу уметноста и она што можеш да го видиш насекаде, а бојата и костимот не се примарната работа која ги одредува овие актови.

-Примарната работа според мене е како статуите стојат така и како не се движат. Некако, како да станува нереално и таа нереалност кој како ќе ја восприеми е негова проекција. Некој може да го восприеми тоа како „што овие стојат тука, губат време“, но тој така размислува бидејќи тој не може да си дозволи да си го изгуби времето и затоа трча од точка а до точка б, за да заврши работи кои му се можеби одамна завршени или никогаш нема да ги заврши. Има и некој кој ќе се задржи и ќе проба да те простудира, ќе проба да се смири себеси, да се ускромни преку тебе, како да гледа некој филм кој може да ти ги смени емоциите во тој даден момент, да те трансформира. Така можеш да се почувствуваш за момент исполнето и доволно во тој даден час или минута. Можеш да гледаш, да си поминеш убаво и да сфатиш дека ништо не те брза, тоа се ситуации кои ни докажуваат дека времето како категорија ние самите си го одредуваме колку е брзо или споро. Има секакви минувачи, каде според децата гледаш какви се родителите. Јас сум прилично позитивно изненаден колку децата имаат некое колективно видување на овие работи иако родителите можеби им се дијаметрално различни. Тие имаат пристап каде имагинацијата е во преден план, веднаш се надоврзуваат и креираат приказни преку тебе и со тебе – вели Стефан.

Целиот разговор со Стефан Вујисиќ можете да го погледнете на следниот линк:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот