ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Снежана Калеска Ванчева: Созреано е времето за укинување на техничката влада

Снежана Калеска Ванчева/фото Слободен Печат/Слободан Ѓуриќ

Според мене созреано е времето за укинување на техничката влада. Мојот краток одговор е потврден. Ова мислење го имаат многубројни стручни лица и граѓаните. Времето за постоење и функционирање техничка влада со тој профил е истечено и конечно тој дел може да го испратиме во историјата. Во овој период немаше доволно време да се дискутира и да се преземе такво решение. За ова прашање, како што е познато е потребен општ политички консензус и мислам дека за следниот изборен процес ова техничка влада нема да ја имаме пред изборите.

Ова го изјави пратеничката од СДСМ и претседателка на законодавно-правната комисија Снежана Калеска Ванчева во емисијата Слободен печат.

Како што вели пратеничката од редовите на СДСМ техничката влада беше одговор на една состојба во општеството која сите ја дефинираа „заробено општество“ и денес мнозинството од граѓаните смета дека е време да се укине формирањето на техничката влада пред избори.

– Техничката влада е продукт на едно време и јавноста многу добро го знае и се сеќава на тој период. Лично сум задоволна што најголемата опозициска партија истакнува дека нема потреба од формирање техничка влада пред избори и тоа, според мене е уште една потврда дека созреваме како демократско општество кое може да напредува-изјави Калеска Ванчева.

Осврнувајќи се околу работата на Собранието во период кога во земјава се распишани избори а дел од законите важни за граѓаните се заглавени во тој процес Калеска Ванчева вели дека работата на Собранието на Македонија е условена од желбата и потребата на пратениците да учествуваат во работата на комисиите и на пленарната седница.

-На јавноста и е познато дека има закони што се блокирани од опозицијата и не може да бидат донесени. За ВМРО ДПМНЕ ова однесување го нарекоа „активна блокада“ и според мене до денес не ми е познато значењето на оваа конструкција. Меѓутоа, факт е дека блокадата во Собранието постои, независно како ќе го наречеме таквото однесување на опозицијата. Како парламентарно мнозинство што ја подржува Владата, донесовме сериозни и добри законски решенија што се во функција на општеството и поединечните области, како што е економијата. Посебно сакам да укажам на општествените услови и состојби во кои работеше овој парламентарен состав. Имено, ние се соочивме со ковид кризата потоа енергетската криза и други појави и истовремено, моја оцена е дека како пратеници успешно работевме во интерес на граѓаните – истакна Калеска Ванчева.

Повеќе од интервјуто со пратеничката на СДСМ Калеска Ванчева погледнете во видеото во продолжение.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот