Наталина Николиќ Синдилиева-инструкторка по пол-фитнес / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Синдилиева: Пол-фитнесот не е „стриптиз“

Наталина Николиќ Синдилиева од Скопје, е една од сопственичките на студиото „Pole People Skopje“ – заедницата на пол-финтесот во Македонија.

Пол-фитнес е форма на вежбање која ги комбинира танцот, акробациите и интензивни тренинзи на вертикална шипка. Потекнува од „pole dancing“, но е насочена кон фитнес, уметност и самодоверба, а не кон еротика или стриптиз.

Во Македонија, пол-финтесот сè уште се соочува со бројни стереотипи и предрасуди, главно затоа што луѓето го мешаат со стриптизот. Кај дел од јавноста, постои погрешно уверување дека секоја активност на шипка е еротски настап, а не спорт или уметност.

-Ние сме три девојки што го имаме студиото. Бојана и Цеца беа мои инструкторки, па после, со текот на времето, станав и јас дел од студиото како сопственик – вели Синдилиева.

Против предрасудите Во Македонија, пол-финтесот сè уште често се гледа низ призмата на стриптизот, а не како спорт или уметност.

-Беше баш онака – ‘ај, оваа стриптизерка, оваа остави ја, како се врти на шипка… Искрено, мене никогаш не ме допирале тие коментари. Па што? Не се ни чувствувам така. Дури ми е смешно колку е тоа примитивно.

Наталина Николиќ Синдилиева-инструкторка по пол-фитнес / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Таа објаснува дека токму овие предрасуди ја мотивирале уште повеќе да покаже дека пол-финтесот не е еротска изведба, туку комбинација на сила, дисциплина и контрола.

-Не е ништо табу. Ова е како гимнастика, само шипката е вертикална, не хоризонтална. Се качуваш, работиш со своја тежина. И може да биде и сексапил, кој не можеме да го тргнеме од женското тело или од женственоста.

Таа смета дека жените често се плашат од нечии предрасуди кога ќе се поврзат со нешто што изгледа „премногу смело“ или „сексапилно“, но токму таму лежи потребата за промена.

-Женственоста не е срам. Таа е сила. И ние ја враќаме назад во движењето, затоа што едноставно ние, жените, дали тука на Балканот или каде било, сме многу потиснати. Првенствено не сме жени, туку сме, како да кажам, татин син, мамин син. А кога ќе дојдеме во студиото, им даваме на сите слобода да се изразат како сакаат – што сакаат да носат, како сакаат да се однесуваат – додава Наталина.

Освен пол-финтес, Наталина практикува јога и работи на корективни дисфункции на телото, комбинирајќи сила, флексибилност и свесност.

-Пол-фитнес е спорт што се вежба со сопствена тежина. Тоа е една од најголемите предности – телото ти се моделира како што би требало да биде. Колку што имаш сила, толку вежбаш. Во студиото денес доаѓаат и мажи, нешто што порано било речиси незамисливо.

Наталина Николиќ Синдилиева-инструкторка по пол-фитнес / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

-Имаме многу членови. Многу се сменија, многу доаѓаат. Една од најголемите предности е што почнаа и машки да доаѓаат, што е супер. Значи, ги пробиваме најстрашните стереотипи – вели Наталина.

Таа е мајка на две дечиња. После три години и два царски реза, таа објасни дека женското тело се менува, но не значи дека не треба да се работи за да се зајакне ментално и физички.

-Сè ќе помине, само целата ситуација треба да се прифати. Треба да се прифати телото, дека се менува. Јас им препорачувам на сите што се породиле, во зависност, нели, од состојбата, мора со доктор да се консултираат, и да се посветат на минимални вежби – додава таа.

Наталина Николиќ Синдилиева-инструкторка по пол-фитнес / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Наталина го гледа својот спорт како простор на слобода – физичка, ментална и емотивна. Во свет кој често ја потиснува женственоста.

-Се надеваме дека во иднина ќе можеме да го наречеме спорт – да имаме натпревари, Олимпијада, нови членови, деца. Ова е само почеток.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот