
ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Ристо Пенов: Градската управа може да се пресели на горните катови од ГТЦ
Поранешниот градоначалник на Скопје Ристо Пенов предлага на горните катови на Градскиот трговски центар (ГТЦ), да се пресели управата на Град Скопје, со што би се избегнале трошоци за градење нова зграда на градот, а и би се осигурил опстанокот на трговскиот центар.
Препорачано
– Станува збор за огромен простор и на тој начин овој објект би заживеал, а архитектонската гордост што ја има ГТЦ би функционирала и натаму. А во долниот дел од ГТЦ, во приземјето, може да продолжи да се одвива трговијата. Тука има и паркинг, тука има и парк, тука е Вардар, сè е тука. Тука се и граѓаните на Скопје. Сега, оваа идеја ќе треба со стручни лица убаво да се обработи, но и тоа е решливо – вели Пенов.
На претстојните избори тој е носител на листата на ЛДП за Советот на Град Скопје, а во интервјуто за „Слободен печат“ посочува дека иако претходно во два мандата беше градоначалник на главниот град, а потоа и министер за локална самоуправа, лошите состојби што го одбележуваат управувањето со Скопје, го натерале повторно да биде присутен во локалната политика.
– Зошто повторно се кандидирам? Е, па, ако излеземе од ова студио, веднаш ќе видиме зошто. Ѓубрето не е исчистено, тротоарите не се изметени, канти за ѓубре нема, а зошто Градот не функционира е затоа што во овие четири години имавме блокада на Советот. Таа блокада што настана во Советот, во голем дел не е причинителот на лошите состојби, но ја создаде оваа атмосфера, која, иако имаме најави дека брзо за 72 часа ќе се реши, ако ја анализираме, ние брза разрешница немаме. Во практика, новиот градоначалник ќе треба да има соодветна програма да кажеме за чистење на натрупаното ѓубре во градот, но тој нема соодветна механизација тоа да го направи. Ќе треба да се објави тендер, а тоа се минимум 60 дена. Потоа потребни се три месеци добавувачот на тендерот да ја испорача опремата, која е неопходна за предвидената акција. Така што на новата градска власт ќе ѝ требаат најмалку шест месеци по изборите за да се справат со натрупаните контејнери. Затоа сметам дека таа улога во моментов треба да ја преземе Владата, бидејќи само таа може да се справи со проблемите на главниот град. Дали со одземање ингеренции од градоначалникот, иако не сум љубител на такви политики, или со доделување владина помош на градот – вели тој.
Пенов додава дека Скопје во изминативе години нагло се промени, пред сè со изградбата на огромен број нови градежни објекти, но, според него, тоа довело до оптоварување на постојната инфраструктура, што е предвидена за помал број градби.
– Може да дојде во прашање снабдувањето со вода, бидејќи системот е пренапнат. Може да дојде до хаварија на системот. Постојано се градат крупни капацитети, а инфраструктурата и механизацијата е иста. Не може тоа така. Ако градите големи комплекси на станови и деловен простор, мора да предвидите и зголемување и подобрување на инфраструктурниот капацитет. Еве кај „Холидеј ин“ се градат нови згради, на местото каде имаше паркинг за 500 автомобили. Таму паркираа луѓето што имаа реална потреба за тоа. Сега тие се снаоѓаат на други паркинзи и го оптоваруваат центарот на градот, бидејќи никој не предвидел изградба на нов паркинг – смета поранешниот градоначалник на Скопје.
Пенов вели дека има подготвена студија и за проблемот со Вардариште, еден од најголемите загадувачи на Скопје. Проектот предвидува чистење и зазеленување на Вардариште во повеќе фази, а за комплетно завршување на проектот се потребни две години. Тој е свесен кога им се обраќа на гласачите дека неговата листа нема премногу големи шанси за успех на локалните избори, но се надева дека тој, а можеби и заедно со некој друг од предложените кандидати на ЛДП, ќе биде гласот на разумот во идниот состав на Советот на Град Скопје и дека со своето дејствување нема да дозволи нови блокади што го парализираат нормалното функционирање на градот.