
ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Ранѓеловиќ: Сервилноста кон албанскиот фактор ја направи разликата на изборите
Во анализата на минатата година на политички план во Македонија, политикологот Иво Ранѓеловиќ на прво место го става недвосмислениот изборен резултат, што резултираше со убедлива победа на ВМРО-ДПМНЕ, а подоцна и формирање на нова власт. Причините за тоа, Ранѓеловиќ ги гледа во повеќе фактори, кои со текот на времето се наталожија и предизвикаа огромно народно незадоволство, кое потоа беше канализирано на парламентарните и претседателските избори.
Препорачано
– Се собраа повеќе работи, а за дел од нив би рекол дека се објективни. За другиот дел не би рекол дека се субјективни, но надвор од контрола на власта во тој момент, како што се оние консеквенци од короната, во делот на инфлацијата итн. Меѓутоа во оној дел од промената на името и како потоа се однесуваше власта со тоа, па Францускиот предлог, иако тоа не се случи минатата година, но се насобра и кулминираше во 2024-тата. Да не заборавиме на Договорот со Бугарија, и сето тоа би го завил во една машничка која се вика сервилноста кон албанскиот фактор, иако некои велат кон ДУИ. Сето тоа го растревожи македонското јадро во гласачкото тело и сметам дека тоа беше клучно за изборниот резултат – вели Ранѓеловиќ.
Политикологот смета дека при една ваква резултатска слика, новата власт нема алиби, односно начин да се вади, доколку не ги исполни очекувањата на оваа голема маса луѓе.
– Граѓаните на Македонија имаат навика секогаш да гласаат против, односно да казнуваат или како во случајот со СДСМ на последните избори, традиционалните гласачи на оваа партија воопшто да не излезат на гласачките кутии. Таквата слика би можела да се преслика и на локалните избори во оваа 2025 година – додава Ранѓеловиќ.
На глобален план тој предвидува големи турбуленции, доколку новозибраниот претседател на САД, Доналд Трамп, опстои на своите предизборни ветувања и ги воведе тарифите за увоз. Во тој случај ќе создадат сосем нови економски услови и ниту една влада во светот не би можела да ги задржи актуелните макроекономски политики.