ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Проф. д-р Маркоски: За четири години Македонија ќе го добие првиот агроном по дигитално земјоделство

Проф.д-р Миле Маркоски/Фото Слободен печат

Што значи дигитализација на земјоделство? Колку од младите се заинтересирани за студии по земјоделство? Во каква состојба ни е аграрот? Се грижиме ли доволно за производство на храна? Утрово одговор на овие прашања, во утринската програма на „Слободен печат“ побаравме од првиот човек на Факултетот за земјоделство и храна, деканот Миле Марковски.

Тој за септември годинава најави нова студиска програма, дигитално земјоделство. За програмата вели дека произлегла од постојана комуникација со стопанството и бизнис заедницата.

– Дојдовме до заклучок дека се потребни нови идеи, имплементација на нови студиски програми, коишто ќе бидат во корист и на образовниот процес и на стопанството, т.е. производството на храна и преработки од храна. Затоа во таа насока Факултетот за земјоделски науки и храна, заедно со Машинскиот факултет, ФИНКИ и ФЕИТ направи студиска програма за дигитално земјоделство, 4 годишен студиум, со 240 кредити, на којашто носител е нашиот факултет. Ние очекуваме дека ова студиска програма ќе побуди голем интерес кај средношколците, коишто сега полагаа државна матура-вели Маркоски.

Тој објаснува дека дигиталното земјоделство е нешто коешто е предвесник на она којашто допрва треба да се види во нашата држава, а тоа е осовременување на образовните процеси и осовременување на земјоделското производство.

– Дигитализација значи осовременување на механизацијата. Сега немате вие современа механизација од типот на современи трактори и приклучна механизација каде не е воведен GPS систем. Значи постојат современи машини кои се далеку посовремени од автомобилите коишто ги возиме, затоа што таму треба прецизност во самото земјоделство до перфекција, до крајниот производ. Тоа е прецизното земјоделство. Сето тоа се алатки коишто претходно беа користени и од земјоделските стопанства и од приватни земјоделци. Сега сакаме да создадеме кадар којшто точно ќе ги добие сите тие вештини за да паметно ги користи сите алатки-вели Маркоски.

Предвидено е да се запишат 50 студенти за оваа академска година. Но факултетот има и други програми.

Проф. д-р Миле Маркоски/Фото Слободен печат

– Јас како декан сакам да ги убедам средношколците дека иднината е во земјоделството и во производството на храна. Сега почнавме постојано да комуницираме и со средните школи. И тоа е првиот начин за да ги привлечеме самите средношколци своето образование да го продолжат на нашиот факултет-вели Маркоски.

Тој објаснува дека целта на факултетот е да се воведе стручна пракса како задолжителен предмет.

-Праксата не е само добивање на потпис. Целта е студентот да ги научи сите алатки и да биде подготвен да се вклучи во производниот процес. Ние сакаме нашите студенти кои ќе дипломираат да стекнат вештини коишто директно ќе бидат презентирани во самите стопанства-вели деканот.

Тој објаснува дека сега има стручна пракса, кај што студентите во четврта година одат во стопанство или во фирма. Крајната оценка се формира заедно со менторот и професорот.

На прашањето како од производител на храна станавме увозно зависни, Маркоски вели дека бројот на население се намалува, соодветно се намалува и самото производството на храна.

– Но тоа не значи дека ние како земја, како факултет, како научен кадар не треба да апелираме дека, треба да го вратиме производството на храна која ни е потребна. Бројот на сточниот фонд во Македонија секоја година се намалува. Една од причините е цената, производството, друг фактор е човечкиот фактор. Нема население кој би се занимавало сега со такво производство-вели Маркоски.

Според него сите велиме дека Македонија,е аграрна држава, по дефиниција, но според бројот на хектари коишто ги располага нашата држава, со бројот на хектари на обработливо земједелско земјиште и не сме така аграрна држава.

-Ние имаме 16.200 хектари овоштарство, околу 32.000 лозови насади. Македонија е препознатлива во однос на квалитетот. Квалитетот на македонското јаболко квалитетот на македонскиот грав, кочанскиот ориз, прилепскиот тутун се производи по кои сме препознатливи-вели Маркоски.

Со деканот зборувавме за квалитетот на храната за употребата на пестициди.

Целото интервју погледнете го во продолжение:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот