
ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Приказни од сокаците на Галичник
Галичани го љубат Галичник од најмало до најстаро, новите генерации со радост го чекаат Петровден за да се облечат во носијата што ја носеле нивните предци, прабаба, баба, дедо. Секоја фамилија како скапоцен камен го чува наследството што значи радост за еден вечен спомен, кој ги навраќа како црно-бел албум низ галичкото минато. А, Галичкото минато е богато. Нашата камера забележа неколку приказни од галички семејства кои ни раскажуваа со очи и со срце за „Галичката свадба“ и нивните корени.
Препорачано
Јулијана Ѓоргова од Скопје има 20 години и од кога памети за себе доаѓа во Галичник. Таа има потекло од таму и од нивната семејна куќа честопати излегувала галичката невеста, раскажува Ѓоргова за „Слободен печат“.
– Мислам дека сите што сме деца на галичани го сакаме многу Галичник. Јас имам многу убави спомени и овде доаѓам секое лето. На Галичка свадба сум учесник втор пат, првиот пат бев многу мала, тоа беше пред десет години. Носам носија стара повеќе од 60 години која ѝ припаѓала на мојата баба – вели таа.
Ја запознавме и малата Евгенија, една од најмалите учеснички на „Галичка свадба 2024“.
– Евгенија има година и пол, таа е моја братучетка. Прв пат е на Галичка свадба и носи автентична галичка носија направена од нашите баби – вели Теодора.
На пат накај црквата „Св. Петар и Павле“ го сретнавме и Александар Кржаловски, кој е горд галичанец, а во 1996 година нему му припадна честа да биде галички зет.
– Ова треба да се најде на „National Geographic“, ваков коментар даде британската заменичка- амбасадорка, и ни претставува чест што годинава е гостинка на манифестацијата. И оваа година гости на Галичка свадба се десетина странци. За мене е вродено, да не речам предодредено да ме радува што е Галичник вака полн. И оваа година се очекуваат близу 5.000 посетители. Јас од кога знам за себе доаѓам овде, паметам дека за време на летен распуст родителите ме оставаа овде. Мислам дека само една или две галички свадби имам пропуштено, на едната и јас бев галички зет – рече Кржаловски.
Во продолжение погледнете видео со автентични галички приказни: