ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Пешева: Скопје преплавено од бездомни кучиња, се носат од приградски населби и други градови

Радмила Пешева - дир. на Лајка / Фото: ,,Слободен печат'' / Драган Митрески

Улични и бездомни кучиња, каснувања, напади на луѓе. Се решава ли проблемот и од каде секојдневно се зголемува бројката на бездомни кучиња? Кој е одговорен, кој треба да ги заловува и дали проблемот има решение? Одговор во утринската програма на „Слободен печат“ побаравме од директорката на „Лајка“ Радмила Пешева. На прашањето дали во Скопје има голем број на бездомни кучиња и дале се носат од други средини Пешева вели дека никој не е свесен повеќе од нив за проблемот со уличните кучиња.

– Секојдневно согледуваме дека е така. Комплексен е проблемот и не можеме да излеземе на крај со него. Свесни сме дека ова не се кучиња кои припаѓаат на скопска средина. Скопските кучиња се микс на популарните раси на домашни кучиња, а сега одеднаш имаме големи кучиња кои наликуваат на азијати, кангали, планински кучиња, многу шарпланинци, питбули, стафорди. Свесни сме колку е алармантно, колку се фрлаат и се носат кучиња од други општини. Приградските општини се депонија за улични кучиња. Овие кучиња во сообраќај се движат неконтролирано, дезиорентирани се, се борат за територија, прави една хаотична состојба-вели Пешева.

Таа објаснува дека со ова дополнително се прави метеж во градот, а тие се оставени сами на себе. Што се однесува до вдомување на кучињата тие се вдомуваат во континуитет.

Радмила Пешева – дир. на Лајка / Фото: ,,Слободен печат” / Драган Митрески

– Изминатиот месец беа вдомени околу 35 кучиња што значи дека секој месец се вдомува по едно куче, што е добро. Комуналниот проблем се решава само на хуман начин со вдомување. Сите заловени кучиња ги огласуваме за вдомување. Го промовираме вдомувањето наспроти купувањето-вели Пешева.

Според неа наједноставно е да се кастрира домашниот миленик, да не се произведуваат несакани легла. Само со едукација овде може да се помогне. Најголем проблем се сопственичките кучиња од домаќинства кои неодговорно се чуваат.

– Кај нас нема систем за контрола. Немаме лоша регулатива, нема кој да ја спроведува.

Радмила Пешева – дир. на Лајка / Фото: ,,Слободен печат” / Драган Митрески

Руралните населби се критични. Таму треба да се објасни дека кучето треба да се шета со поводник во присуство на човек. Инаку може да се спари. Потоа тоа легло се фрла или се дава на кого ќе стигне. Докажано е дека две третини од овие кучиња завршуваат на улица-вели Пешева.

Во моментов во „Лајка“ има 183 кучиња.

– Работиме со два тима заловувачи и две комбиња. Општините не соработуваат и не плаќаат за нашето работење, а ние плаќаме отштетни побарувања за нив од каснувања. Околу 10 милиони денари од буџетот лани исплативме за отштетни и побарувања за каснувања-вели Пешева.

Таа објаснува дека имаат одобрение за 120 бокса, а имаат импровизирано живеалишта за 180 кучиња.

– Имаме и кучиња кои се трајно стационирани. Тоа се незгодни раси кои покажале агресивност, има преголеми раси кои страшно изгледаат, остануваат тука додека да се вдомат. И благодарение на активисти се вдомуваат кај нас, но и во странство-вели Пешева.

Засега не се заловуваат мачки, но се вдомуваат благодарение на активисти. На годишно ниво може се вдомуваат околу 1.000 мачки.

Целото интервју погледнете го во продолжение:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот