Фото: Драган Митрески / „Слободен печат“

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Одблиску и лично со Миа Димшиќ: Смислата на животот е да станеш понапредна верзија на себеси

Новиот регионален хит „Друштвена правила“, песната што хрватската ѕвезда Миа Димшиќ ја сними со нашиот Влатко Стефановски, деновиве во Скопје добива видеоспот. Станува збор за една убава разгледница на македонската метропола, без оглед што тоа „метропола“ некому може да му звучи само како фраза.

Иако на музичката сцена е нецели 10 години, хрватската поп-ѕвезда Миа Димшиќ е една од најголемите во регионот. Родена е 1992 година во Осиек, досега објавила пет албуми, меѓу кои е еден на англиски јазик, а еден со божиќни песни. Зад неа е настапот на „Евровизија“ пред две години, а поради стилот на изведбата често ја споредуваат со планетарната атракција Тејлор Свифт.

Фото: Драган Митрески / „Слободен печат“

Миа деновиве престојува во Скопје, каде што заедно со Влатко Стефановски снима спот за носечката песна од нејзиниот актуелен албум „Друштвена правила“, во која и гостува токму македонскиот гитарист.

– Особена ми е чест што во песната „Друштвена правила“ ми гостува македонскиот виртуоз Влатко Стефановски. Се запознавме случајно, во Загреб, на едно доделување на наградите. Ми кажа дека му се допаѓа тоа што го правам и дека можам да го побарам кога ќе имам песна во која тој ќе може да ми гостува со својата гитара. Тоа не е мала работа, еден Влатко Стефановски да ти даде таков комплимент – воодушевена е Миа.

 

Песната „Друштвена правила“ е снимана во неколку студија, од Филаделфија во Америка, преку Риека и Загреб во Хрватска, до студиото на Влатко на улица „Мексичка“ во Скопје. Тоа е уште една потврда дека секој вистински вложен труд завршува со голем успех.

Не случајно, уште од првиот хит на Миа, „Живот није сив“, тоа е така. Вложеното мора да се исплати.

– Привилегијата и одговорноста е да се занимаваш со музиката. Пред девет години го исфрлив првиот сингл и раскрстив со некои работи, сто отсто вложување или никако. И, тоа е единствениот начин ако сакаш да имаш некаков резултат – објаснува Димшиќ.

Фото: Горан Чижмешија

Нејзините песни први ги слушаат родителите и сестрата. Сега и Дамир Бачиќ, нејзиниот менаџер и коавтор. Од срамежливото девојче, Миа стана вистинска и голема регионална ѕвезда.

Зборувајќи за тоа кој албум ѝ е најдраг, со гордост го истакнува „Монолог“, првиот на англиски јазик.

– Прв, но никако и последен. Мојот долгогодишен сон. Тој најдлабоко ме опишува мене, каква сум однатре, кога ќе останам самата, со хартија и молив – отворена е Миа.

Зборувајќи за настапот на Евровизија, Миа вели дека тој настан отвора многу врати. И дека многу е благодарна што ја претставуваше Хрватска на оваа манифестација.

А, за тоа како се поминува во Македонија, со многу љубов зборува за нашата земја…

– Повторно ми се потврди впечатокот дека во Македонија луѓето се љубезни и срдечни, дека се живее отпуштено, дека се ценат пријателствата и семејните врски. Тоа е сличност со нас Хрватите и со Балканците воопшто. А, и храната и пијалаците од Македонија воопшто не се за фрлање. А Скопје како град е микс на старо и ново, исток и запад, еден вистински времеплов…

Фото: Ива Чаиса

Откако ќе се врати во Загреб, ја чека објавување на „Друштвена правила“ на винил, што особено ја радува, како и промоциите во Загреб и во Осиек, на почетокот на ноември.

– Ако правиме интервју за 10 години, би сакала да кажам дека патував по континентите и дека сум објавила уште неколку албуми, и на хрватски и на англиски. И дека станав уште покомплетен изведувач и личност. Смислата на животот е да станеш понапредна верзија на себеси – кажа Миа и побрза да го продолжи снимањето на спотот по најубавите скопски локации.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!