Жарко Димоски - актер / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Одблиску и лично со актерот Жарко Димоски: Имам чест да испишувам историја

И, додека македонската публика се воодушевува на анимираниот лик Јон Вардар, на кој му го позајми гласот, во Белград веќе го препознаваат на улица, бидејќи улогите што ги толкува во мјузиклите „Црни лептир“, „Луцифер“ и „Погледај дом свој, анѓеле“ се апсолутен хит во Србија. Актерот Жарко Димоски, кој постојано е на релација Скопје – Белград, накратко намина до Македонија, па се видовме да ги сумираме успесите.

Со Жарко Димоски се познавам десетина години, кога со колегата Тино (Атанас Атанасовски) на Радио Слободна Македонија ја имаше популарната емисија „Комичен мегахерц“. Оттогаш неговата кариера оди исклучително брзо по нагорна линија. Се редеа успешни улоги во Театарот Комедија, па се случи едно Кабаре во Битола, па го забележаа од Белград, па за мјузиклите „Црни лептир“ во „Позориште на Теразијама“ и „Луцифер“ и „Погледај дом свој, анѓеле“ во новиот театар „Одеон“, каде што ги толкува главните улоги, сега се бара билет повеќе. Неговиот успех, особено по последниве белградски ангажмани, и нас во Македонија нè направи да бидеме горди на него…

– Се случува во Белград таа една историја – во 21 век да отвориш нов театар, тоа е благородна работа. Станува збор за театарот „Одеон“. Но, тука се и моите ангажмани во Скопје, во матичниот Театар Комедија, каде што еднаш или двапати месечно играм во „Вардарски пастуви“, која е девет години на репертоарот. Сепак, главна причина зошто сум сега во Скопје е премиера на првиот македонски долгометражен анимиран филм – „Јон Вардар против галаксијата“, во кој на главниот лик му го позајмив гласот. Филмот претходно имаше светска премиера во Сао Паоло, каде што забележа одлични критики – ја започнува Жарко приказнава.

Жарко Димоски е синоним за гордост. На успесите што ги постигнува во Македонија и во Србија, никој не може да биде рамнодушен.

Вели дека му е особено важно што во животот многупати бил во проекти што се случуваат за првпат.

– Прв мјузикл во Македонија, прв долгометражен анимиран филм, прва ваква претстава, прво кабаре во Македонија, па една поинаква радиоемисија… Се случуваат работи со кои имам чест да испишувам историја. Истото го направивме и сега во Белград, со театар „Одеон“. Навистина е чест да се биде дел од едно такво големо здание каде што на сцена летаат луѓе, горат луѓе… Во исто време се случува и едно магично шоу, и концерт… Му благодарам на Господ за сите тие шанси што ми ги дава и што имам можност да бидам прв во нештата – горд е Димоски.

По ангажманот во мјузиклот „Црни лептир“, кој се работеше на музиката на легендарната ЈУ група, Жарко се сретна со првиот човек на телевизија Пинк од Белград, Жељко Митровиќ, кој му се довери дека има намера да направи еден поинаков театар, па откако идејата беше реализирана, нашиот актер се најде во мјузиклот „Луцифер“, со кој го отворија театарот, и во актуелниот и „Погледај дом свој, анѓеле“, кој е направен засновајќи се на песните на Бора Ѓорѓевиќ и „Рибља чорба“. И, така тргна…

– Поради ангажманите во Скопје и во Белград еден период многу патував на таа линија, па за шест месеци со автомобил поминав 50.000 километри. Во Скопје снимав „Џентлмен магазин“, па поради Кабарето одев во Битола, па претстави во Театар Комедија, па назад во Белград три дена снимање. Му благодарам на Бога што ми ја даваше силата да издржам и што ме чуваше, па дојдов во можност да селектирам и да изберам што ми е најважно. И го избрав ова – дециден е Димоски.

Жарко перфектно го научи српскиот јазик, а Белград како град баш му се погодил. Во неговиот случај сè одеше некако природно – од Прилеп за Скопје, па сега за Белград. На шега вели, додека тоа не му здодее, па Њујорк не му бега…

Жарко Димоски – актер / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Во делот за идни планови, ни откри дека наскоро ќе има главна улога во еден српски филм. Ќе се снима во Босна.

– За неполн месец ќе почнам снимање филм, каде што ја толкувам главната улога, па и таму ќе ја пратам македонската нишка затоа што сакам и инсистирам да ширам македонската култура. Во филмот толкувам улога на Македонец што живее во Белград, каде што има девојка која е од Босна и која сака да го запознае со нејзиното семејство и со родителите коишто живеат во едно рурално село во Босна. Сè се случува околу Божиќ, а таму божиќните обичаи имаат посебен шарм. Ќе биде многу интересна комедија – ни откри Жарко.

Очекувајќи успех за филмот, Димоски се подготвува да оди во Босна, каде што интензивно ќе се снима. Уште не знае дали на патот ќе го придружува неговото мало семејство или ќе го чекаат во Белград. Иако тоа може да биде напорно, би сакал најблиските да се околу него, бидејќи тоа дополнително го мотивира во работата.

Во доменот на следни активности на домашен терен, ни откри дека напролет во Театар Комедија ќе работи нова претстава. Дотогаш ни остануваат „Вардарски пастуви“ или да „скокнеме“ до Белград на некој од мјузиклите. А, додека не се случи некој филмски ангажман на Жарко во Македонија, ќе ја чекаме „божиќната приказна“ од Босна.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот