ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Насер Зибери: Народниот правобранител мора да има статус А за да биде целосно независен

Насер Зибери / Фото: "Слободен Печат" / Драган Митрески

Во интервју за утринската програма на „Слободен печат“, Народниот правобранител Насер Зибери потсети дека со пратениците од претходниот состав биле изготвени измени на законот за народен правобранител со кој требаше да се решат клучни прашања за независноста на оваа институција, но тие не го видоа светлото на денот поради тоа што таа точка беше последна на дневниот ред од последната седница на стариот парламентарен состав. Дополнителен проблем, вели Зибери беше тоа што Левица поднесе над илјада амандмани со што го блокираше законот.

– Ние со пратениците од претходниот состав изготвивме предлог измени на законот за народен правобранител со кој требаше да се решат клучни прашања како што е статусот на институцијата. Ние сме национална институција за заштита на човековите права која според меѓународни критериуми треба да го има највисокиот стандард, а тие стандарди се уредени со таканаречената париска декларација во која како целосно независна институција која се занимава со човековите права треба да има статус А, а за да има статус А треба да има целосна кадровска, финансиска и просторна независност. Ние го немаме тој статус. Во текот на скрининг процесот за отпочнување на преговорите, една од основните забелешки е дека народниот правобранител не ги исполнува критериумите да биде акредитиран како национална институција за човекови права со статус А – рече народниот правобранител Насер Зибери, во интервју на „Слободен печат“.

Во однос на мандатите коишто ги покрива институцијата народен правобранител, тој рече дека палетата на мандати кои ги покрива народниот правобранител е многу широка.

 – Палетата на мандати кои ги покрива народниот правобранител е многу широка. 22 области покрива институцијата народен правобранител. Во тие области има и претставки кои основот за поплаката се однесува на припадноста, во случајот национална припадност. Тоа претежно се случува во областа вработување и работен однос. Минатиот период актуелно беше изјаснувањето по етничка припадност како услов за вработување во јавната администрација со балансерот, прикривањето или лажното прикажување на етничката припадност. Во областа работни права и работен однос исто така има основ за приговор, етничката припадност е во системот на градација и унапредување – посочи Зибери.

Тој додаде дека во областа образование, како што се право на образование, има и претставки коишто доаѓаат по тој основ.

– Имаме оддел за заштита од дискриминација и мобинг, има оддел за права од работен однос, но има и прашања за кои ние не сме надлежни. Целиот приватен сектор народниот правобранител не го покрива. Во тој случај, тие претставки ги препраќаме во надлежност на надлежната комисија за заштита од дискриминација – потенцираше Зибери.

Целото интервју со Насер Зибери можете да го погледнете на слениот линк:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот