ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Проф. Д-р Милка Димитровска : Законот за рестриктивни мерки се носи набрзина без транспарентност

Милка Димитровска/фото Слободен Печат/Слободан Ѓуриќ

На патот на зачленување во Европската Унија за Македонија од особено значење е мислењето и политиката на САД, оценува проф.д-р Милка Димитровска, политиколог од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања (ИСППИ). Според неа, за поголема успешност и ефикасност на нашата политика е битно да постои високо ниво на приближување меѓу политиките на САД и Унијата спрема Македонија.

-Според мене американската надворешна политика и воопшто политиката спрема Македонија е многу повеќе консолидирана во споредба со Унијата. Постојат разлики во начинот на водењето на политиката меѓу политичарите и стручњаците и мнозинството граѓани. Американската надворешна политика е еднонасочна и конзистентна, односно не е условена од промената на политичкиот субјект во Вашингтон, а истовремено европската политика зависи од внатрешните промени, констелации, движења, партнерства во државите членки на Унијата, изјави Димитровска во утринската емисија на „Слободен печат“.

Таа се осврна и на владиниот предлог за закон за рестриктивни мерки откако САД на црната листа ставија неколку македонски граѓани.

-Станува збор за законот за рестриктивни мерки што е сè уште во фаза на предлог и за кој не можам да се произнесам како што тоа го направија стручните лица од правосудната област, а особено што станува збор за различно гледање на донесувањето на ова законско решение од кривичарите и оние што ја спроведуваат правосудната пракса. Нема да коментирам конкретни мерки што се предлагаат со законот, како што тоа го направија други лица. Имено, може да говориме за принципите, политиката и правото. Овој закон е обид на Владата да даде дополнителен импулс да го поттикне Јавното обвинителство на преземање дејствија на кривично гонење на одредени битни политички личности од Македонија. Законот се темели и е инспириран од црната листа на САД и ја почитувам нивната заложба да се поттикне процесот на борба против корупција, рече Димитровска за „Слободен печат“.

Според неа, ваквиот вид закони имаат нагласена политичка компонента и мора да се земат, да се анализираат и да се интерпретираат од утврдената политичка перспектива.

-Постои одредена главна дилема, а тоа е ваквите закони каде постои висока чувствителност меѓу правото и политиката мора да се толкуваат на специфичен начин. Често се случува правната норма што се донесува, ако нема политичка волја за нејзиното спроведување да е „мртва“ норма. Овој закон се носи набрзина и не се јасни постапките за неговото пишување и нема транспарентност. Со овој закон не е јасна улогата на Владата во насока на поттикнување на Јавното обвинителство. Ако е улогата силна тогаш доаѓа до кршење на начелото на поделба на власта, додава Димитровска.

Повеќе од интервјуто со Димитровска погледнете во видеото во продолжение..

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот