
ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Маркес: Ученик на генерација во Македонија, стана тим-лидер на компанија чиј клиент е БМВ
Од ученик на генерација во Македонија, до асистент на Правниот факултет во Виена. Но тука не биле границите за Ивана Мота Маркес, Македонка која сега е тим-лидер во компанија чии клиенти се големи светски корпорации како БМВ. Вештачката интелигенција е област во која работи во моментов, а поради тоа што не сака зима, живее на два континента, Европа и Африка.
Препорачано
За „Слободен печат“ вели дека е родена во Скопје и тука растела до 13-та година. Потоа со семејството се преселиле во Виена и таму завршила седмо и осмо одделение и средно образование.
– Кога дојдов во Виена требаше да се научи германскиот јазик, таму бев во државно училиште. Меѓутоа овде системот за образование е поинаков, со осмо одделение се завршува практично средно. Ме вратија една година назад за да можам да го совладам германскиот јазик и продолжив потоа во нивниот систем – вели Маркес.
Била во клас со 12 ученици. Вели дека малкумина во Виена одат на факултет и дека најголем дел избираат занает, бидејќи таму големо значење се дава на практичната работа, те подготвуваат како понатаму во животот.
– Брат ми, кој студираше во Македонија има впечаток дека многу повеќе се става акцент да се научи теорија без пракса. Овде е спротивно од тоа – вели Маркес.
По средното училиште се одлучила да студира на Правниот факултет, на Универзитетот во Виена. Мастер завршила во Португалија, а за време на студиите работела како асистент.
– Им помагав на студентите да се подготвуваат за различни испити. Дипломирав како една од најдобрите студентки и магистрирав во Португалија. Во Австрија, Правниот факултет се завршува заедно со мастер за титула за четири години – вели Маркес.

Како асистентка работела 2,5 години, но сепак ја оставила академската професија бидејќи сакала да проба нешто друго.
– Сакав да заработувам на друг начин, сакав искуство од практичниот живот и некоја поголема авантура, а сè да е сведено на учење, на изучување, на читање. Сакав да направам некоја разлика во светот со тоа што го работам, едноставно сакав повеќе пракса и авантура и заради тоа решив да не останам на факултетот како асистент и подоцна професор – вели Ивана.
Се вработила во голем телекомуникациски оператор, потоа работела во една од најголемите австриски банки, а во моментов е во стартап компанија која се занимава со вештачка интелигенција. Работи со големи светски фирми меѓу кои е и БМВ.
– После една година од работењето во фирмата започнав да го раководам тимот. Имам можност за работење на далечина што многу ми одговара бидејќи не ја сакам зимата. Половина година живееме во Виена, а половина во Јужна Африка. Сопругот е по потекло од Јужна Африка. Тој е Португалец и тоа е една од предностите што можеме да се селиме – вели Ивана.
Се запознале на едно од многуте патувања, а за Виена и за луѓето вели дека се многу поладни за разлика од Македонците. На прашањето дали би се вратила во Македонија вели дека доаѓа два пати годишно да ја посети, но не размислува да се врати да живее тука.
-Сакам да дојдам на гости, да се потсетам на детските денови и да се видам со пријателите. На сопругот му се допаѓа Македонија, најмногу храната. Менталитетот на нашите луѓе е многу сличен со тие во Јужна Африка и затоа повеќе ни се допаѓа таму за живеење. Не би се вратиле во Македонија. Прво не би знаеле како би нашле таму некоја работа со која би можеле да сме двајцата исполнети. Јас не би можела да работам во Македонија бидејќи работам со австриска лиценца – вели Маркес.
За крај вели дека нема ништо подобро од тоа да се родиш и да израснеш и да останеш во државата каде што си роден, да можеш да си зборуваш на мајчин јазик.
-Ако некој има добра можност да заработува добро во Македонија, би рекла зошто да не. Меѓутоа, додека си млад, секогаш е добро да стекнеш искуства, да го прошеташ светот и да научиш други работи – вели Маркес.