Лука Кратовалиев, сопственик на „Чоп Чоп“ - Слободен печат - Методи Здравев

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Кратовалиев: Жените сѐ почесто доаѓаат да фрлаат секири, имаат повеќе адреналин од мажите

Дали знаевте дека во Скопје постои бар каде можете да фрлате секири? Станува збор за Чоп Чоп, кој е бар за фрлање секири, место за забава и развивање на едно несекојдневно хоби. Разговаравме со Лука Кратовалиев, кој е сопственик на „Чоп Чоп“, бар за фрлање секири кој го отвориле заедно со неговиот брат. Кратовалиев накратко ни ја раскажа приказната зад ова необично место за забава преку фрлање секири.

Идејата за да се крерира еден ваков посебен простор потекнува од Шпанија, каде тој имал прилика да искуси едно вакво ново искуство.

– Бев на посета кај девојка ми во Шпанија, таа студираше таму и нашла место каде што може да се фрлаат секири. Ме однесе таму, многу забавно си поминавме, многу брзо ни помина времето. Кога се вратив му го покажав местото на брат ми кој беше многу возбуден за идејата. Сакаше и тој да проба, но сфативме дека никаде во близина на Балканот нема, освен во Хрватска каде и отидовме да пробаме – вели тој.

Фрлање секири во „Чоп Чоп“ – Слободен печат – Методи Здравев

Сопственикот Кратовалиев, ни го објасни начинот како се фрлаат секирите, дали се проаѓа низ некоја претходна обука и малку повеќе за целото искуство.

– Во оваа активност можат да учествуваат лица над 18 години. Тие претходно треба да пројдат низ една десетминутна обука во која им објаснуваме на играчите како се фрлаат секирите, им укажуваме на грешките и им ги покажуваме видовите на игри и нивоата – сподели сопственикот Лука.

Фрлањето секири всушност потекнува од Канада и САД, каде и е третиран како реален спорт, додека во Македонија се третира повеќе како хоби. Кратовалиев, за „Слободен печат“ изјави дека досега во рамки на „Чоп Чоп“ се организирале и натпревар во фрлање секири.

-Имаше доста натпреварувачи, фрлавме секири, имаше награди за победниците, мислам дека сите што беа таму беа задоволни од тоа како се одвиваше настанот – и учесниците и победниците – додаде тој.

Лука Кратовалиев, сопственик на „Чоп Чоп“ – Слободен печат – Методи Здравев

Можеби оваа активност делува поприближно до машкиот пол, меѓутоа „Чоп Чоп“ е местото каде речиси се постигнува еднаквост помеѓу половите преку фрлање секири. Сопственикот Лука, ни откри дека постои голем интерес и кај жените и кај мажите за оваа активност.

– Јас би рекол дека 60 отсто од посетителите се машки, а 40 отсто се женски. Посебно кај нас мислам дека жените имаат таков афинитет повеќе кон адреналински спортови и да сакаат да се испробуваат во нив – вели тој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот