
ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Костадин Шурбановски – Шурбе за „Оф-фест“: Да се опстои 23 години во Македонија е херојско дело и триумф
Во пресрет на дваесет и третото издание на фестивалот на светска музика „Оф-фест“, во утринската емисија „Слободен печат“ гостуваше организаторот и промотер Костадин Шурбановски – Шурбе. Со сериозна позадина и некои од најголемите светски музичари во минатите изданија на фестивалот, и оваа година „Оф-фест“ ќе понуди разновидна програма, со гости од различни делови на светот, гости коишто не сме ги виделе досега, селектирани според високиот критериум на организаторите.
Препорачано
– Се трудиме секогаш програмата да биде компактна, квалитетна и на највисоко можно ниво, и се трудиме секоја година да биде се подобра и подобра. И тоа воопшто не е лесно, особено во Македонија, во услови во кои работиме, а ги знаеме многу добро, да се опстои 23 години е херојско дело и триумф, а камоли да се напредува и да се понуди се подобра и подобра програма. Оваа година, навистина, имаме многу разновидна и квалитетна програма, имаме групи од Африка, се разбира, Африка мора да биде застапена – изјави за „Слободен печат“ Шурбе.
Во четири фестивалски вечери во официјалната програма, со осум концертни настапи во Националната опера и балет и МКЦ и два документарни филма во Кинотека на Македонија, годинешното издание на „Оф-фест“ ќе се одржи од 6 до 9 јуни во Скопје.
– Отвораме со африканска вечер, бенд од Јужна Африка, „Би-си-ју-си“, тоа е еден од највозбудливите лајф бендови денес, и „Бомбино“ од Нигер. Исто така, Африканците ќе бидат на некој начин вмешани и во бендот „Куту“, којшто е комбинација на Етиопија и Франција, имаме бендот Холандија, се викаат „Бојаки“, имаме изведувач од Шпанија и не каков било изведувач, се работи за фламенко гитарист број 1 денес во светот, Висенте Амиго, потоа имаме еден фантастичен, возбудлив бенд од Полска, „Волоси“, имаме еден бенд од Србија, коишто се веќе ѕвезди на балканската „world music“ сцена, се викаат „Нејкит“, и нашите домашни миленици „Калата“.
Секоја година се трудиме да одиме по фестивали, саеми на музика и ги следиме бендовите во живо. Тоа е многу важно кога правиш фестивал на жива музика, тие артисти не само што треба да бидат добри, допадливи и интересни на своите албуми, на своите изданија, туку мора пред сè да бидат интересни во живо. Така што сите овие артисти веќе сме ги провериле, сме ги „чекирале“ во живо и ништо од оваа програма не е случајна – вели Шурбановски.
Целиот разговор со Шурбе можете да го погледнете на следниот линк: