
ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Јовевски: Мирно решавање на работен спор е бесплатно, но ретко се применува во пракса
Голем е бројот на работни спорови што се случуваат во Македонија. Најголемиот број се иницирани од работниците, тука најчесто се среќаваме со предмети поврзани со непочитување на правата за плата, отказ и сл. Неретко и работодавците тужат, најчесто заради непочитување на законскиот отказен рок. Праксата за решавање на работен спор кај нас вообичаено се решава преку судот и покрај тоа што Законот предвидува можност за мирно решавање на работните спорови. Мал е процентот на работни спорови решени по мирен пат, вели за „Слободен печат“ проф. д-р Лазар Јовевски, професор по трудово право и лиценциран помирувач и арбитер во работни спорови.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
– Секој начин на вонсудско решавање на спорот со помош на трета страна, која што не е суд, а тоа може да биде помирувач, арбитер, медијатор или слично е мирно решавање на работните спорови. И согласно нашиот Закон за мирно решавање на работните спорови, којшто постои во Македонија како посебен закон, надвор од Законот за работни односи, предвидува постапка на помирување и постапка на арбитража – рече Јовевски.
И покрај тоа што оваа постапка е бесплатна и трае 30 дена, како што вели Јовевски, кај нас во праксата е вистински раритет да се случи решавање на работен спор по мирен пат.
– Во последните десет години имам околу 12-13 спорови каде што јас сум бил помирувач или арбитер. За помирување сум имал повеќе спорови, каде што сум се вклучил како помирувач, а за арбитража сум единствениот во Македонија, кој, согласно Законот за мирно решање на работни спорови, имал три арбитражи – вели нашиот соговорник.
Неодамна Центaрот за клиничка едукација по трудово и социјално право, при УКИМ, организираше тркалезна маса „Мирното решавање на работните спорови, перспективи и предизвици“ на Правниот факултет „Јустинијан Први“. Раководител на оваа тркалезна маса беше професорот Јовевски.
– Разговаравме за акутно прашање кое ќе отвори бројни предизвици во самиот правосуден систем, но и генерално во нашето општество, бидејќи работните споровине ги засегаат само оние кои се во работен однос. Ако работникот има проблем на работа, тоа се рефлектира и на целото семејство, и на брачниот партнер, на децата, станува збор за искучително важна и актуелна тема – вели Јовевски.
Во рамките на граѓанските судови низ цела држава огромен е бројот на работни спорови коишто не можат да се завршат во рамките на законски предвидениот рок.
– Недостиг на судии кои ќе можат да го изнесат целиот тој процес е главниот проблем зошто овие предмети се трупаат. Проблемот е навистина комплексен и морам да потенцирам дека на годишно ниво се појавуваат околу 6000 нови работни спорови, без да ги сметаме споровите од претходните години коишто не се решени – рече професорот.
Законот вели дека во рок од шест месеци треба да се донесе пресуда во прв степен, којашто не е правосилна. Првостепениот суд треба да одлучи, но во пракса, како што вели Јовевски, се случува судот да суди многу подолго понекогаш и со години еден предмет да се повлекува.
– Најчесто тоа е поради неможност на судиите да постигнат, поради огромниот број предмети што ги има еден судија. Треба да го нотираме и овој момент дека судот во делот на работните односи е преоптоварен и тоа е една од главните причини зошто се одолговлекуваат работните спорови и понекогаш траат и неколку години. Законот вели, во прв степен работниот спор треба да се заврши со пресуда во рок од шест месеци, но не се сеќавам дека тоа во пракса во Македонија се случило – вели тој.
Во нашата земја индивидуалните се почести од колективните спорови, но во однос на мирното решавање на спорот, колективните парираат.
– Ако гледате на кој начин мирно се решавале, ќе видите дека колективните спорови биле почести во делот на мирно решавање, отколку индивидуалните, а индивидуалните повеќе од 90%, ако не 99% и повеќе се канализирани во рамки на судска постапка – вели тој.