
ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Душко Пуцковски: Освен што сум магионичар, јас сум и угостител
Магијата е нешто повеќе од обични трикови. Таа ги фасцинира луѓето и ги носи во еден мистичен свет. Душко Пуцковски, млад магионичар од Скопје, е еден од оние што ја претвораат магијата во уметност. Тој во оваа епизода за „Слободен печат“ ни го раскажува својот чудесен пат.
Препорачано
Пуцковски веќе четири години ја носи магијата на улиците и ги зачудува и забавува сите минувачи што го следат неговиот перформанс.
Неговото патување почнало на интересен начин. Првите магични трикови му ги покажал неговиот татко. Тој бил оној што го запознал со тајните на магијата и му ги пренел своите знаења.
-Мојата љубов кон магијата се јави уште од рана возраст. Откога татко ми ми покажа еден магичен трик со едно марамче, тогаш се заљубив во магијата. Потоа почнав да изучувам многу книги. Почнав да шитам и за магионичарите – вели Пуцковски за „Слободен печат“.
Но, тоа не било само хоби за Душко, туку нешто во што тој почнал сериозно да се вложува. Секој нов трик му бил предизвик, а сè повеќе се запознавал со техниките и мистериите на магијата.
-Треба да си спремен на некој начин психофизички, да изучуваш доста психологија, мислам дека секој што ќе си ја најде својата страст, треба да ѝ се посвети и да биде дисциплиниран – додава тој.

Душко живее во Љубљана и летото го поминува во Хрватска, каде што настапува на улиците и ги изведува своите трикови пред случајни минувачи. Иако работи и како келнер, магијата му е вистинската страст и животна цел, но, како интересен факт, тој ни објаснува како ја вметнал магијата во професијата како келнер.
– Освен што сум магионичар, јас сум и угостител, односно работам како келнер. Ги служам луѓето и правам магични трикови на маса – објаснува Пуцковски за „Слободен печат“.

За него магијата е начин да создаде чудо и да ги направи луѓето среќни.