Сашка Кузманова / Фото: Слобоџден печат / Драган Митрески

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Државата врти глава кога треба да помогне за производство на перики, вели Сашка Кузманова

На некои од од девојчињата настрадани од пожарот во Кочани, никогаш нема да им порасне коса, вели хуманитарката Кузманова, која овој месец донираше седум перики од приридно влакно, изработени за деца кои ја преживеаја трагедијата во дискотеката „Пулс“

Јас не барам пари, туку поддршка за поголемо производство на перики за онколошките пациенти, вели за „Слободен печат“ хуманитарката Сашка Кузманова од Кавадарци, основач на „Инфинити лајф КС“. Таа останува единствената личност во земјава којашто произведува перики од природно влакно и им ги подарува на онколошките пациенти. Досега има направено 114 перики, а седум од нив завршија во рацете на седум девојки, на возраст од 16 до 22 години, настрадани од пожарот во Кочани.

-На Петровден бев во Кочани, наменски, тоа е славата на градот. Градот е замрен. Сакав да ги израдувам девојките со тоа што ќе им понудам нов изглед, за да им се крене самодовербата. Со дел од нив се сретнав во фризерски салон, едната од нив беше воодушевена, многу се израдува кога виде дека периката е до рамениците. Успеав да им ги направам подолги, какви што им биле косите пред трагедијата. Сакајќи да ги израдувам, не им кажав дека сакам да ја постигнам должината којашто ја имале природно. Девојката се расплака. Две девојчиња не смееја да излезат на топлото поради високиот степен на изгореници што го имаат. Кај останатите бев во посета дома. Некои од нив не сакаат да излегуваат затоа што немаат коса, се срамат, довербата им е намалена – вели Кузманова.

Горда е што со една девојка, откако ја ставила периката, излегла да се прошета и да испие кафе. Смета дека со периката, како што вели, им дала одново живот. Кузманова забележала дека на овие деца им е потребна голема психолошка поддршка.

-Тие се сè уште во шок. Разговарав со секоја од нив поединечно. Навистина тешко го пребродуваат сево ова, разговараат со психолози, но многу се повлечени, не сакаат да излегуваат од дома. Четири од нив се со многу тешки изгореници на главата, никогаш нема да имаат коса, за жал. Но, јас им кажав дека сме тука за нив, ќе се снајдеме, Бог им подарил живот, мора да бидат благодарни за тоа. Се договоривме дека ќе ги чекам на гроздобер во Кавадарци – вели таа.

По нејзината посета во Кочани добила нови повици од родители на настрадани деца во пожарот. До октомври се надева дека ќе успее да изработи уште две перики.

Сашка Кузманова/фото:Приватна архива/ Слободен печат

 

За да се изработи една перика, покрај коса се потребни и други материјали, односно, капа, мрежа и конец. За потребите на овие седум перики Кузманова не добила помош од никого и била принудена сама од своите плати да ги купи за да ја постигне целта што си ја зацртала.

-Материјалите за перики ги набавувам од Турција и Италија, тие се скапи. Морав да ги донирам моите четири плати за да го купам потребниот материјал за работа. За да ви стане појасно, ќе направам споредба, една перика со природно влакно чини од 500 до 1500 евра. За изработка се потребни многу помалку средства, но за жал, јас не добив никаква поддршка ниту од државата, ниту од која било фирма, каде и да се обратев ми затвораа врата – рече таа.

Кога пред две години ја започнала оваа хуманитарна мисија, Кузманова имала поддршка од неколку општествено одговорни компании, но тоа било еднократна помош. И покрај тоа што редовно тропа на врата, праќа мејлови за некој да се вклучи во нејзината борба, како би успеала да изработува повеќе перики, на крајот повторно останува сама пред предизвикот.

-Секаде каде и да се обратам за поддршка, ме игнорираат, често се случува и да не ми вратат на пораките. Од една компанија, пак, добив повратен одговор кој се состоеше од покана за кафе, но категорично ми рекоа дека „за ваква работа немале одвишок пари“ – вели нашата соговорничка.

Сашка Кузманова/фото:Приватна архива/ Слободен печат

Државата не сакала да помогне и за периките за децата жртви на пожарот во дискотеката „Пулс“. Кузманова во врска со тоа како реагира државата на нејзините апели за поддршка во нејзината мисија не сакаше да зборува многу.

-Кога почнав со оваа хуманитарна дејност се обидов неколку ати да тропнам на вратите од државните институции, но таму не наидов на разбирање. Поради „икс“ причини престанав да ги барам – вели таа.

Додава дека има поединци коишто сакаат да се вклучат во процесот на изработка, но сите бараат пари, никој не сака хуманитарно да се вложи.

-Јас ова почнав да го правам бидејќи дете на мои блиски луѓе се соочи со болеста рак. Не сум фризерка и немав никакви познавања за правење на коса. Откако дојдоа до моментот да имаат потреба да купат перика, а видовме дека периките се многу скапи и не можат да си го дозволат тоа, си реков: „па, зошто јас да не ја направам? Кога детето на моите пријатели ми се јави да ми каже дека оздравело и дека нема да ми ја врати периката туку ќе ја врами, ми се роди желбата да им помогнам и на други луѓе. Барав некој да ме научи како се прави перика, од Македонија и од регионот не успеав да најдам. Најпосле, се јави жена од Австралија со македонско потекло, којашто оттаму онлајн ми го пренесе занаетот – вели Кузманова.

Сашка Кузманова/фото:Приватна архива/ Слободен печат

Никогаш не сум посакала да заработувам од ова, вели Кузманова, за која непроценлива е среќата во очите на луѓето кога ќе им ја даде периката. Кузманова вели дека со нејзините десет прсти ќе продолжи да го прави тоа што го започнала.

Загрижувачки е тоа што секојдневно добива од пет до десет повици дневно за изработка на нови перики. Најмалиот пациент за кој направила перика има шест години, а највозрасниот 79 години.

-Со сите пациентки сум создала и пријателство. Ме трогнуваат нивните приказни, но не сакам да дозволам да бидам тажна пред нив, напротив, сакам да им помогнам и да ги кренам на нозе. Ѕвезда водилка ми се писмата што ми пристигнуваат на адреса дека оздравеле. Од сите 114 пациентки за кои изработив перики, само две починаа – вели Кузманова.

Сашка Кузманова/фото:Приватна архива/ Слободен печат

Свеста за донирање на коса е на високо ниво кај нас, праменчиња пристигнуваат од сите страни на државата, од фризерски салони, дури и донациите од странство се редовни, како што вели таа, а најголеми донатори се децата.

Целиот разговор со хуманитарката Сашка Кузманова, можете да го погледнете на јутјуб-каналот на „Слободен печат“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот