Ана Митреска - вицегувернерка / Фото: Слободен Печат / Драган Митрески

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | До крајот на годинава и следната година ќе имаме умерена инфлација- вели вицегувернерката Митреска

Нашата последна оцена за инфлација од околу 2,5 проценти за наредната година е заснована на конкретни претпоставки врзани со глобалните цени, надворешни очекувања за некој умерен пад на цените на нафтата, умерен раст на цените на храната глобално по нивниот пад изминатата година, како и некои домашни фактори што ги земаме предвид – вели Митреска.

Просечната инфлација во првите 10 месеци од годинава е 3,3%, што е целосно во рамките на нашите оцени за просечен раст на цените од 3,5%, а наредната година, според проекциите на Народната банка, се очекува инфлација од 2,5 проценти. Врз очекуваната динамика на трошоците на живот влијание може имаат увозните цени, но и некои домашни фактори, како што е растот на платите. Сè уште се присутни и геополитичките тензии што може да предизвикаат одредени нестабилности на глобалните пазари и се ризик-фактор на проекциите. Во изминатиот период, профитните маржи на компаниите и покрај кризите останаа солидни и стабилни, а со тоа може да делуваат како амортизери на некои непредвидени шокови, вели во разговорот за емисијата на „Слободен печат“ Ана Митреска, вицегувернерка на Народната банка на Северна Македонија.

– Октомвриската инфлација е 3,5 проценти на годишно ниво и ова за нас, како централна банка, е очекувано и вградено во проекциите, со оглед на тоа што кон крајот на минатата година државата имаше одредени мерки што беа насочени кон намалување на цените. Тоа на некој начин создаде пониска споредбена основа за оваа година, па оттаму и тој благ раст на цените во текот на октомври – објаснува вицегувернерката.

Таа рече дека е видливо големо забавување и намалување на ценовните притисоци и кај цените на храната, кај цените на енергенсите и кај базичната инфлација.

Ана Митреска – вицегувернерка / Фото: Слободен Печат / Драган Митрески

– Нашата последна оцена за инфлација од околу 2,5 проценти наредната година е заснована на конкретни претпоставки врзани со глобалните цени, надворешни очекувања за некој умерен пад на цените на нафтата, умерен раст на цените на храната глобално по нивниот пад во изминатата година, како и некои домашни фактори што ги земаме предвид – вели Митреска.

Инфлацијата на услуги помалку се намалува од вкупната инфлација

На формирањето на инфлацијата, според анализите на Народна банка, влијаат структурните карактеристики што ги имаме, а тоа е релативно големо учество на храната и на енергенсите во вкупната потрошувачка кошничка, меѓутоа и релативно високата увозна компонента. Но, сега предмет на дискусија на глобалната заедница се и цените на услугите, кои имаат значајно влијание врз инфлацијата.

– Вообичаено цените на услугите се наоѓаат во оној дел од потрошувачкиот индекс што го нарекуваме базична инфлација. Последни податоци на ММФ покажуваат дека и покрај тоа што вкупната глобална инфлација значајно забавува, базичната инфлација сè уште во глобални рамки е некаде за околу 50% повисока во однос на претпандемискиот период кога почнаа овие инфлациски притисоци. Меѓународните институции во глобални рамки, овој раст на цените на услугите делумно го врзуваат со растот на платите. Кај нас имаме некоја слична слика со малку поинертна базична инфлација во однос на вкупната инфлација, меѓутоа таа сепак е веќе за некаде околу половина пониска од максимумот што го достигна во периодите на акутна инфлациска криза. Сепак, тоа е нешто помало намалување од намалување во вкупната инфлација којашто е за 80% пониска од својот максимумот. Покрај влијанието од пазарот на труд, кај нас и растот на цените на храната и на енергијата се пренесуваат на цените во услужниот сектор – вели Митреска.

Ана Митреска – вицегувернерка / Фото: Слободен Печат / Драган Митрески

Растот на платите е феномен во целиот регион, па и во Европа. Вицегувернерката посочува дека дури и стапките на раст насекаде се слични. И во Предлог-буџетот за 2025 година има повисока ставка за плати, но вицегувернерката објаснува дека тоа е вградено во проектираните стапки за инфлација.

– Нашите проекции се умерена инфлација до крајот на оваа година и во текот на следната година – заклучува Митреска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот