
ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Д-р Смилевски: Нормално се живее и без тироидна жлезда, само со една таблета дневно
Што е тироидна жлезда, каде се наоѓа, за каков тип на жлезда станува збор? Што доколку се појават јазолчиња на вратот? Кога е време да се побара лекарска помош и дали ако жлездата хируршки се отстрани може да се живее без неа? Каков е животот на пациентот после отстранувањето? Утрово на оваа тема зборуваме со доктор Драган Смилевски, специјалист по градна хирургија од приватната болница „Аџибадем- Систина“. Докторот вели дека тоа е жлезда во ендокриниот систем кај човекот локализирана на вратот, околу душникот, на самата база на вратот. Има форма на пеперутка, a нејзините хормони се исклучително важни за човековото тело.
Препорачано
– Хормоните на тироидата учествуваат во практично секој метаболистички процес во организмот. Недостигот или покаченото ниво многу се чувствува кај пациентите и има многу препознатлива клиничка слика. За хипотироидизам зборуваме кога нивото на тироидните хормони е намалено под нормалата. Најпопуларно и најпознато во нашата популација е хронично воспаление на штитната жлезда или Хашимото тироидитис кој води кон едно хронично постепено пропаѓање на жлездата – вели Смилевски.
Симптомите се постапност, покачување на телесната тежина, немање енергија и пациентот треба да направи лабораториски испитувања за да се види нивото на тироидни хормони. Хипертироидизмот е спротивен од хипотироидизмот. Овде има вишок на хормони, пациентот слабее, вознемирен е, тахикардичен и има несоница.
– Доколку се појават мали грутки на вратот, пред каква било одлука да се донесе за самиот пациент, прво правиме испитувања. Не мора да биде тоа хируршки третман – вели докторот.
Потоа се прави ехо на штитната жлезда и доколку постои некакво топче кое е сомнително, доаѓа предвид и биопсија, но и тироидниот скен, што е испитување со користење на радиоизотоп. Докторот објаснува дека се живее и без тироидна жлезда. Вели дека е полесно да се живее без оваа жлезда и да се зема вештачки хормон преку лек отколку да се живее со хипертироидизам, односно со покачено ниво на тироидни хормони.

– Со супституциона терапија може нормално да се живее. Ако е пациентот спортист може да си продолжи со професионален ангажман. Ако се работи во смисла на планирање на семејство, на бременост, не е никаква грешка ниту има проблем. Основен предуслов е хормонот да биде внесен на потребното ниво за функционирање на човековото тело. Буквално со една таблета продолжуваме со нормален живот – вели Смилевски.
Тој објаснува дека разликата е само во дозата на таблетата. Процентуално, тироидната патологија е повеќе застапена кај жените.

– Најмладиот пациент знае да биде и во тинејџерски години од животот. Кога сме веќе кај оперативниот зафат, веќе спомнав дека може да се живее и без оваа жлезда. Закрепнувањето после операција е брзо, но зависи од пациент до пациент, од случај до случај, но во принцип опоравувањето е брзо. Си оди дома по две дена, се враќа на нормален режим на исхрана и напитоци, но сè зависи и од локални наоди, за каква болест станува збор – вели Смилевски.