
ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Д-р Мицковски: Со една интервенција до трајно решение за еректилната дисфункција и зависноста од пелени
Македонија е меѓу првите четири држави во Европа каде што е направена интервенција со која трајно се решава еректилна дисфункција и паралелно се вградува вештачки сфинктер кој овозможува трајно отстранување на зависноста од пелени кај машката популација. За процедурата, самиот оперативен зафат, но и за времето потребно за опоравување после интервенцијата, разговараме со доктор Александар Мицковски, уролог од приватната болница „Аџибадем Систина.“
Препорачано
Докторот вели дека станува збор за симултано вградување на вештачки уринарен сфинктер и на пениска протеза. Со една операција решаваат два големи проблеми што значително го отежнуваат квалитетот на живот.
-Едниот проблем е комплетно губење на урината, мокрење во пелени, што го инвалидизира пациентот, најчесто се случува кај невролошки повреди, заболување на мозокот, операции на тумори, повреди на ’рбет или радикални операции заради карцином на простата, што е втор, најчест тумор кај мажите. По ова најголемиот број од пациентите имаат проблем да ја контролираат урината и ја губат ерекцијата. Проблемот се решава со трокомпонентни протези и служи како вештачки сфинктер, односно го заменува природниот мускул за контрола на уринирањето – вели Мицковски.
Тој објаснува дека вториот имплант или протеза, е да се постигне и одржи ерекција до крај на животот. Некои го вградуваат затоа што едноставно немаат ерекција и сакаат да продолжат со сексуалните односи, до крај на својот живот.
– Нема возрасна граница, за вградување на вакви импланти, сме вградувале и на млади деца, кои имаат повреда од сообраќајни несреќи, сме вградувале поради невролошки болести, шеќерна болест, проширени нерви, повреди на ’рбет. Под кожата се чувствува само една пумпа, со големина на половина показалец, којашто треба со раката да пумпа и да ги активира имплантите. Така се активира, и таа ерекција или континенција е беспрекорна – вели Мицковски.

Тој објаснува дека болката е минимална, затоа што она што боли е кожниот рез и тој е минимален. Опоравувањето е многу брзо, два дена во болница, третиот ден се планира испис.
Во „Аџибадем- Систина“ се прави уште една хируршка процедура од типот на Minimal Invasive Surgical Treatment за простата.
– Многу е битно да се знае дека „резум“ процедурата или процес на водена вапоризација на простата, може да се прави и со локална анестезија. Предност на оваа операција е краткото времетраење, се изведува со патентиран апарат „резум апарат“, којшто е всушност генератор на водена пареа. Таа водена пареа се генерира во милисекунди, се влегува со игла, којашто се забодува во ткивото, и водената пареа предизвикува негова некроза, изумирање, а организмот го разградува и се формира канал, кој ќе му обезбеди квалитетно мокрење – вели Мицковски.
Тој објаснува дека предноста е што практично нема никакви компликации, што за неколку часа се оди дома. Тоа е голем новинетет, посебно кај млади луѓе кои имаат проблеми со мокрењето, а сакаат да бидат родители, со оваа операција продолжува нормалната функција на половиот орган.

– Многу е битно да им кажеме на гледачите дека на ваков начин се третираат само бенигни тумори – вели докторот.
Им препорачува на пациентите дека нема причина барем еднаш годишно да не отидат на уролог.
Од деца со вродени аномалии, па во тинејџерски години, но и повозрасни пациенти. Туморите на тестис се најчести за жал кај млада популација меѓу 18 и 35 години. Тука се и проблемите со плодноста, уринарни инфекции, сексуално преносливи инфекции, камења во бубрези. Простата проверуваме, по 40-тата година, а симптоми се отежнати мокрења, слаб млаз. Не треба да се трпат симптомите. Има едноставни решенија за многу сериозни проблеми. Урологијата е гранка во која се прават сè помалку агресивни операции, а резултатите се врвни – вели Мицковски.